Житие на свети Јован Дамаскин

Свети Јован ДамаскинПреподобниот Јован Дамаскин се роди во престолнината на Сирија, Дамаск[1]  од побожни родители од висок род[2], чија што огнена вера во Христа беше испробана во опасности и искушенија и се покажа посилна и подрагоцена од злато, кое иако во оган се испробува сепак е пропадливо. Тешко беше тоа време. Сарацените ја имаа покорено таа земја и завземајќи го славниот град Дамаск, им задаваа најразлични маки на христијаните: едни ги убиваа, други во ропство ги продаваа и никому не му дозволуваа јавно да го слави Христа. Во тоа време родителите Јованови, штитени од промислата Божја, се сочуваа здрави и читави, со целиот свој имот, ја сочуваа и светата вера, бидејќи Бог им даде можност да се здобијат со благонаклоност сараценска, како некогаш Јосиф мисирска[3] и Данаил вавилонска[4], па злочестивите Агарјани не им забрануваа на родителите светителски да веруваат во Христа и отворено да го слават светото Име Негово. Освен тоа Јовановиот татко го поставија за градски судија и за началник на народните градби[5]. Наоѓајќи се на таква положба, тој твореше многу добрини на своите едноверни браќа: робови откупуваше, ги ослободуваше осудените од темниците и ги спасуваше од смрт и на сите страдалници им пружаше рака за помош. И беа родителите на преподобниот во Дамаск меѓу Агарјаните како светилници во ноќ, како семе во Израил, како искра во пепел. Сочувани од Бога , за да од нив излезе светилник на Црквата Христова. Кој светло ќе им свети на целиот свет, – блажениот отец наш Јован Дамаскин. Раѓајќи го по тело, тие се потрудија одма да го сторат и чедо на светлината преку светото крштение, што во тоа време беше многу тешка работа, бидејќи Агарјаните никому не му дозволуваа да се крсти. Меѓутоа Јовановите родители несметано го препородија своето дете со крштевање и му дадоа име кое ја означува благодатта Божија. Таткото на детето Јован многу се грижеше своето чедо добро да го воспита и научи, не на обичаите сараценски, ниту на храброста војничка, ниту на лов на ѕверови, ниту на други световни занимања, туку на кроткост, смиреност, страв Божји и познавање на Светото Писмо. Поради тоа усрдно го молеше Бога да му испрати човек мудар и побожен, на неговиот син би му бил добар учител и добар наставник во добродетелите. И би грижливиот родител услишан од Бога и го доби тоа што го сакаше на следниов начин:

Дамаските разбојници често вршеа упади и на копно и на море на соседните краеви и земаа во ропство христијани, ги носеа во својот град, па едни ги продаваа на пазарите, а другите ги убиваа. Еднаш тие фатиле некој монах по име Козма, благообразен по изгледот, прекрасен по душа, родум од Италија и го продаваа на пазар со останатите робови. Оние пак робови, кои разбојниците сакаа да ги посечат со меч, припаѓаа при нозете на тој монах и со солзи го молеа да се помоли на Бога за душите нивни. Сарацените, гледајќи какво почитување му укажуваат на монахот, осудените на смрт, го запрашаа каков чин имал во својата татковина меѓу христијаните. Тој им одговори: Не сум имал никаков чин, ниту сум бил удостоен со свештеничко звање; јас сум само грешен монах, познавач на философијата, не само на христијанската ами и на онаа која ја смислија незнабожечките мудреци.

Откако го кажа тоа, монахот започна да плачи, и плачеше горко. Недалеку од него, стоеше Јовановиот родител; гледајќи го старецот како плачи и познавајќи го по одејанието дека е монах, тој му пријде. И сакајќи да го утеши во неговата тага му рече:

– За џабе, човече Божји, плачеш што го губиш овој свет, од кој ти одамна си се одрекол и за кој си умрел, како што гледам по твојот изглед и одејание.

– Плачам, одговори монахот, не поради тоа што го губам овој свет, бидејќи како што ти кажа, умре за светот и не тагувам за ништо световно, знаејќи, дека постои друг живот: подобар, бесмртен и вечен, подготвен за слугите Христови, за кој се надевам, дека и јас ќе го добијам по благодатта на Христос Бог мој, но плачам , затоа што заминувам од овој свет бездетен и не оставам наследник после себе.

Се зачуди родителот Јованов на зборовите монахови и му рече:

–  Отче, ти си монах, и си се посветил на Бога поради чување на чистотата, а не за раѓање на деца. Зошто тогаш тагуваш за деца?

Монахот одговори:

– Ти не го сфаќаш, господине, тоа што го реков, не говорам за телесно чедо, ниту за земско наследство, туку за духовно. Бидејќи, како што самиот гледаш, јас сум сиромав монах и немам ништо од работите на овој свет, но имам големо богатство на мудрост, со кое се збогатив, со помошта Божја, трудејќи се од мојата младост. Поминав разни научи човечки: ја изучив реториката и дијалектиката, одлично ја знам философијата, предадена од Стагирита и Аристоновиот син[6],  ги проучив геометријата и музиката, добро го изучив движењето на небесните тела и патиштата на ѕвездите, за да преку толку убавата творевина и нејзиното премудро уредување појасно да Го запознам самиот Творец. Подоцна совршено ги изучив и учењата на грчките и римските богослови за тајните на Православието. Имајќи такви знаења, никому не сум ги предал, и на тоа што сум се научил, никого не научив, ниту сега можам да го научам, бидејќи немам ни време ни ученици. И сметам дека овде ќе умрам од мечот агарјански и ќе се јавам пред мојот Господ како дрво неродно и како слуга кој в земја го сокрил талантот на господарот свој. Ете зошто плачам и ридам. Како што татковците по тело тагуваат кога живеејќи брачно немаат деца, така и јас тагувам што не родив ниеден духовен син, кој после мене би бил наследник на моето богатство на мудрост.

Откако ги чу овие зборови, таткото Јованов се израдува што ја пронајде одамна посакуваната ризница и му рече на старецот:

– Не тагувај отче: Бог може да ја исполни желбата на срцето твое.

Велејќи го тоа, тој одма појде кај сараценскиот кнез и припаѓајќи кон нозете негови го молеше усрдно да му го подари робот – монах. Кнезот му излезе во пресрет: му го подари даров, навистина подрагоцен од многу други дарови.

Родителот Јованов со радост го однесе во својот дом блажениот Козма, и го утеши намачениот обезбедувајќи му удобност и мир. И му рече:

„Отче, биди господар во мојата куќа и учесник во сите мои радости и таги“, па  додаде, „Бог не само што ти дарува слобода, ами и желбата на твоето срце ја исполни. Ги имам овие две деца: едното е мојот син по тело Јован, а другиот момче, кое го примив место син, родум од Иерусалим, сираче од детството, а се вика исто како и ти, Козма. Поради тоа те молам, отче, научи ги на мудрост и добри навики и на секое добро дело; сотвори ги духовни синови свои, прероди ги преку учењето, воспитај ги со поучувањето, и остави ги после себе како наследници на неукадивото богатство духовно“.

Се израдува блажениот Козма, го прослави Бога, и почна многу грижливо да ги воспитува и учи обете момчиња. А, момчињата беа паметни, брзо сфаќаа тоа што им предаваше учителот и напредуваа во учењето.  Јован, како орел кој се носи по воздухот, ги достигнуваше ввисоките тајни на учењето; а духовниот му брат Козма, како лаѓа која брзо плови на поволен ветар, брзо ги достигнуваше длабочините на мудроста. Учејќи усрдно и ревносно, тие за кратко време одлично ги изучија граматиката, философијата и аритметиката, и станаа слични на Питагора[7] и Диофан[8]; ја изучија и геометријата, така да можеа да бидат сметани како некои нови Евклиди[9]. А како се усовршија во поезијата и музиката, за тоа сведочат нивните црковни песни и стихови. Не ја изоставија ниту астрономијата; и тајните на богословието одлично ги запознаа. Освен тоа, тие од својот учител се научија на добри навики и добродетелен живот, живеење во добродетелите, и станаа совршени во знаењето, во мудроста духовна и световна.  Особено Јован покажа голем успех, та му се восхитуваше и самиот учител, кого Јован го надмина во некои области на знаењето. И стана Јован велик богослов, за што сведочат неговите богонадахнати и богомудри книги. Но, тој не се гордееше за толкавата своја мудрост. Како плодно дрво: што повеќе род на него расти, толку повеќе неговите гранки се превиткуваат на долу кон земјата, така и блажениот философ Јован, колку повеќе напредуваше во мудроста, толку помал се сметаше себе си, и умееше да ги укротува во себе суетните фантазии и ги гаснеше страсните помисли, а душата своја како светилник, наполнет со елејот на духовната мудрост, ја палеше со огнот на Божествените желби.

Еднаш му рече учителот Козма на таткото Јованов:

– Ете господине, желбата твоја се исполни: момчињата твои одично научија, та веќе и мене ме надминаа во мудроста. На такви ученици не им е доста да бидат како учителот нивни. Благодарение на големиот памет и непрекинатиот труд, тие потполно ја постигнаа сета длабочина на мудроста, и Бог го умножи тој нивни дар. Нив повеќе не им е потребно да ги учам, тие се веќе способни други да учат. Поради тоа те молам, господине отпушти ме да одам в манастир, таму да станам ученик и да се научам на вишната мудрост од совршените монаси. Таа световна философија која сум ја научил, ме праќа кај философијата духовна, која е подрагоцена и почиста од световната, бидејќи носи корист и ја спасува душата.

Откако го чу тоа, таткото Јованов се ожалости, не скајќи да се лиши себе си од толку драгоцен и мудар наставник. Сепак не се осуди на сила да го задржи старецот за да не го ожалости, затоа му направи по волјата негова. И богато наградувајќи го, го отпушти во мир. Монахот Козма отиде во лаврата на преподобниот Сава Освештени. И таму поживеа богоугодно до својата смрт, кога отиде кај Најсовршената Премудрост, кај Бога. По неколку години се претстави таткото Јованов. Кнезот Сараценски го повика Јована и му предложи да го постави за свој прв советник. Јован се откажуваше од тоа, имајќи спротивна желба: да Му служи на Бога во осаменичко молитвено тихување. Сепак, тој беше принуден да се потчини и спротивно на својата волја ја прими власта. И доби Јован во градот Дамаск поголема власт од таа што ја имаше неговиот родител[10].

Во тоа време во Грција царуваше Лав Исавријанецот[11], кој се дигна ѕверски против Црквата Божја, како лав рикајќи и пустејќи. Исфрлајќи ги од храмовите Божји светите икони, тој ги предаваше на огнот, а оние кои православно веруваа и ги почитуваа светите икони, тој бездушно ги ставаше на страшни маки. Кога чу за тоа, Јован се запали со ревноста на побожноста, угледувајќи се на во тоа на Илија Тесвиќанецот и на имењакот свој Претечата Христов. Извлекувајќи го мечот на Словото Божјо, тој почна со него да го отсекува, како глава, еретичкото умување на ѕвероподобниот цар. Бидејќи тој [свети Јован] испрати многу посланија за почитувањето на светите икони на оние православци кои ги познаваше. Во тие посланија, врз основа на Светото Писмо и древното предание на богоносните Отци, тој мудро докажуваше дека на светите икони треба да им се оддава должно поклонение. На оние, пак на кои им ги праќаше тие посланија ги молеше, тие посланија да им ги покажуваат на други едноверни браќа поради нивно утврдување во Православието. И се трудеше блажениот Јован да целата вселена ја наполни со своите богонадахнати посланија[12]. Растурени по целото грчко царство, тие ги утврдуваа православните во побожноста, еретиците ги бодеа како бодило. Глас за тие посланија допре и до самиот цар Лав. Не трпејќи да било кој го разобличува неговото зловерие, царот ги повика кај себе своите едномисленици, еретици, и им нареди да тие лукаво најдат меѓу православните некоја  од Јовановите посланија, напишана со неговата сопствена рака и да ја земат на читање. После долго барање, учесниците на оваа злобна замисла пронајдоа негде кај православните едно послание, напишано со раката Јованова, лукаво ја измолија, ја предадоа во рацете на царот.

Царот им наложи на своите вешти писари, гледајќи го ракописот Јованов, да напишат со ист ракопис, писмо, кое ко бајаги му го испратил Јован од Дамаск, на царот Лав. Тоа писмо гласело вака: „Радуј се, царе! И јас се радувамна твојата држава, поради единството на нашата вера, и му оддавам поклонување и должно почитување на твоето царско величество. Те известувам, дека нашиот град Дамаск, кој е во рацете на Сарацените, слабо се чува, и воопшто нема јака стража; малку има војска во него, и е слаба. Поради тоа те молам, заради Бога смилувај се на овој град, испрати своја јуначка војска. Правејќи се како да оди во друго место, нека војската изненадно го нападне Дамаск, и ти без мака ќе го завземиш градот под своја власт. Во оваа работа јас многу ќе ти помогнам, оти градов и целата оваа земја  е во моите раце“.

Откако го напиша ова писмо, демек Јованово, лукавиот цар нареди да од него му пишат на сараценскиот кнез вака: „Сметам, дека не е ништо подобро од тоа да се има мир и да се живее во пријателство, бидејќи да се одржуваат договорите за мир е за голема пофалба и мило Му е на Бога. Поради тоа и мирот, кој е склучен меѓу нас, јас сакам поштено и верно да го чувам до крај. Меѓутоа некој христијанин, кој живее во твојата држава, со своите чести писма ме поттикнува да го нарушам мирот и ми ветува, дека без мака ќе ми го предаде градот Дамаск в раце, ако јас неочекувано испратам своја војска таму. За да се увериш во ова што ти го пишувам, и да се убедиш во моето пријателство, јас ти праќам едно од писмата кои тој христијанин ми ги напиша. Во него, кој се осудил така да ми пиши, ти ќе препознаеш предавство и непријателство, и ќе знаеш како да го казниш“.

Овие две писма ѕвероподобниот цар Лав ги испрати по еден свој многу доверлив човек во Дамаск кај кнезот на Сарацените. Откако ги прими и прочита, кнезот го повика Јована и му го покажа лажното писмо, напишано до царот Лав. Читајќи и разгледувајќи го, Јован рече: „Буквите, на оваа хартија до негде личат на мојот ракопис, но писмово не го пишувала ракава моја, бидејќи мене никогаш на памет не ми паднале да му пишувам на грчкиот цар. Да не даде Бог, лажно да му служам на господарот свој!“

На Јован веднаш му беше јасно дека оваа клевета е дело на непријателско, зло и еретичко лукавство. Но, кнезот исполнет со гнев, нареди да му ја отсечат десната ракана невиниот Јован. Јован усрдно го молеше кнезот малку да се стрпи и да му даде време тој да ја докаже својата невиност и да ја обелодени омразата која спрема него ја има злиот еретик, царот Лав. Ама, молбата негова не беше услишана: силно разгневениот кнез нареди казната веднаш да се изврши.

св Јован Дамаскин (3)

И му ја отсекоа на Јована десницата, онаа десница која ги утврдуваше правоверните во Бога; онаа десница која со своето пишување ги изобличуваше непријателите Господови, и која наместо со мастило, со кое се користеше, додека пишуваше за почитувањето на светите икони, сега се обли со својата сопствена крв.

По отсекувањето, раката Јованова беше обесена на плоштадот насред градот, а самиот Јован, изнемоштен од болките и од огромната загуба на крв, беше одведен во својот дом. Кога се смрачи, дознавајќи дека на кнезот му поминал гневот, блажениот Јован, му прати на кнезот ваква молба: „Болките мои се зголемуваат и ме мачат неискажливо, и мене нема да ми биди подобро се додека мојата отсечена рака виси во воздух. Затоа те молам, господине мој, нареди да ми се даде раката моја, за да ја закопам в земја, бидејќи сметам дека болките ќе ми попуштат, ако таа биде закопана“.

Мачителот ја услиша молбата и нареди раката да се тргне од јавното место и да му се предаде на Јована. А, Јован, примајќи ја својата отсечена рака, влезе во својата молитвена одаја и паѓајќи на земја пред светата икона на Пречистата Богомајка со Богомладенецот во рацете; својата отсечена рака ја постави на нејзиното место и почна од длабочината на срцето да се моли воздивнувајќи и плаќејќи, говореше: „Владичице Пречиста Мајко,  која мојот Бог си Го родила, еве десната рака ми е отсечена, за Божествените икони. Тебе Ти е познато што го поттикна гневот Лавов, затоа поитај ми брзо на помош и исцели ја раката моја. Десницата на Севишниот, која од Тебе се воплоти, твори многу чуда по молитвите Твои; затоа молам да Он и десницата моја да ја исцели преку Твоето посредништво. О, Богомајко! Нека ракава моја во пофалба за Тебе и за Синот Твој она што Ти ќе и дозволиш и нека со пишувањето свое и помогне на Православната вера. Ти можеш сѐ што сакаш, бидејќи си Мајка Божја“.

Говорејќи го тоа со солзи, Јован заспа. И ја виде на сон Пречистата Богомајка како од иконата гледа во него со светли и милостиви очи и глаголи: „Ете, раката сега ти е здрава; не тагувај повеќе, туку труди се усрдно, како што ми вети; и направи ја перо на брзописец“.

Разбудувајќи се, Јован ја опипа раката своја и виде, дека е исцелена. И им се израдува со својот дух на Бога Спасителот свој и на Себеспрекорната Мајка Негова, за тоа што Семоќниот сотвори толку прекрасно чудо врз него. Па станувајќи на нозе и подигајќи ги рацете кон небото, тој им вознесе благодарност на Бога и на Богомајката. И се радуваше цела ноќ со целиот свој дом. И пеејќи песна нова, тој глаголаше: Десницата Твоја, Господи, се прослави во крепоста; десната рака Твоја Господи ја исцели отсечената десница моја, и таа (десницата Господова заб. на прев.) ќе ги сотри непријателите кои не ја почитуваат чесната икона Твоја и на Твојата Пречиста Мајка, и ќе ги уништи, заради величењето на славата Твоја, непријателите кои ги уништуваат светите икони“.

Дури Јован се радуваше со сите свои домашни свои и пееше благодарствени песни, чуја соседите; и кога ја дознаа причината за радоста и веселбата, многу се восхитија. Наскоро дозна за тоа и кнезот сараценски. И веднаш го повика Јована и му нареди да му ја покажи отсечената рака. На местото каде што беше раката отсечена се гледаше белег како црвен конец, оставен по промисла на Богомајката, како доказ дека раката на тоа место била отсечена.

Откако го виде тоа, кнезот го праша Јована: „Кој лекар и со каков лек, толку добро ја присоедини раката за нејзиниот зглоб, и толку брзо ја излечи и оживи, како таа никогаш да не била отсечена и мртва?“

Јован не го премолчи чудото, туку веднаш раскажа за него: „Господ мој, Семоќниот Лекар, услишувајќи ја преку Пречистата Мајка Своја усрдната молитва моја, ја исцели со семоќната сила Своја ранава моја и ја направи здрава раката, која ти нареди да се отсечи“.

Тогаш кнезот затажи: „Тешко мене! Не испитувајќи ја клеветата неправедно те осудив и недолжен те казнив тебе, добри човече. Те молам, прости ни што толку брзо и неразумно те осудивме, Еве, прими го сега од нас својот поранешен чин и поранешното почитување и биди наш прв советник. Од овој час без тебе и без твојот совет ништо во државава наша нема да правиме“.

Но, Јован, паѓајќи пред нозете кнезови, го молеше долго да го отпушти од кај себе и да не му смета да тргне на патот, кој душата го сака: да врви по својот Господ со монасите кои се одрекле од себе и го примиле јаремот Господов. Кнезот не сакаше да го отпушти и на сите можни начини пробуваше даго убеди Јована да биде управник на неговиот двор и уредител на целата негова држава. И беше помеѓу нив долга расправа: едниот го молеше другиот, и едниот се трудеше да со своите молби го победи другиот. На крај, одвај надвладеа Јован, иако не брзо, сепак тој го измоли кнезот, та тој му допушти да прави што му сака душата.

Откако се врати дома не чекаш ни миг, ги раздаде на сиромаси својот огромен имот, и сите робови ги ослободи, а сам со својот ученик Козма[13] отпатува во Ерусалим. Откако се поклони на светите места, замина во лаврата на свети Сава и го замоли игуменот да го прими како залутана овца и да го присоедини во своето избрано стадо. Игуманот и сите браќа го препознаа свети Јован, бидејќи тој беше славен и сите го знаеле, благодарение на неговата власт, углед и голема мудрост. И се радуваше игуменот поради тоа што таков човек, привел при себе, во толкава смиреност и сиромаштија и сака да биде монах. Примајќи го со љубов, игуманот повикал еден од браќата и тоа најискусниот и најопитниот во подвизите, сакајќи да му го повери Јована: да го научи на духовната философија и на монашките подвизи[14]. Но овој одби, не сакајќи да му биде учител на таков човек кој со својтата ученост надминува многумина.  Игуманот повика друг монах, но и тој не сакаше. Исто така и трет и четврт и сите се откажаа, бидејќи секој од нив беше свесен дека не е одраснат да биде наставник на таков мудар човек: притоа се срамеа и од неговото знаење. По се` ова беше повикан и некој старец, прост по барав, но многу паметен; тој не одби да биде наставник на Јован.

Земајќи го Јована во својата ќелија и сакајќи да постави во него основа за добродетелен живот, старецот му ги даде пред се` вакви правила: ништо да не прави по своја волја; своите трудови и молитви да ги принесува на Бога како некаква жртва; да лее солзи од очите, ако сака да се очисти од гревовите на својот поранешен живот. Зашто тоа пред Бога е подрагоцено од најскапиот темјан. Овие правила беа поставени како основа за оние дела кои се обавуваат со телесен труд. За она пак што и` доликува на душата, старецот му препиша вакви правила: Јован да не смее да држи во својот ум ништо световно; да не замислува во својот ум никакви неприлични слики, туку својот ум да го чува неприкосновен и чист од секаква суетна пристрасност, од секоја љубовна страст и пуста надменост; да не се фали со својата мудрост и ученост, и да не мисли дека може да постигне се` потполно до крај; да не посакува никакви откровенија и познавања на скриените тајни; до крајот на животот да не се надева на својот разум како да е непоколеблив и да не може да падне во заблуда; напротив, треба да знае: дека мислите негови се немоќни, и разумот негов е погрешлив, па затоа да се грижи: да не допушти мислите да се расејуваат, туку да се труди да ги собере во едно, за дана тој начин умот да се просвети од Бога, и душата да се освети и телото да се очисти од секаква нечистотија; душата и телото да се соединат со умот и да бидат символ на Света Троица, и да се изгради човек ни телесен, ни душевен, туку сосема духовен, изменувајќи се доброволно од двата дела на човекот – телото и душата, во третиот и најважен, то ест во умот.

Прописувајќи му такви правила, духовниот отец на својот духовен син и учител на ученикот ги додаде уште и овие зборови: Не само да не пишуваш никому писма, туку немој дури ни да говориш некому нешто од световните науки. Имај молчење со расудување; зашто ти знаеш дека не само нашите философи учат на молчење,  ами и Питагора им налага на своите ученици многугодишно молчење; и немој да мислиш дека е добро во невреме да се говори за добро. Чуј што кажува Давид: Се мачев во зло (Пс: 38,3). А каква корист доби тој од тоа? Чуј: Се запали срцето мое во мене (Пс: 38,4), т.е. со оган на божествената љубов, која во пророкот запали богоразмислување.

Целото ова поучување на старецот падна во срцето  Јовановокако семе на добра земја и изртувајќи се вкорени. Бидејќи Јован, живеејќи долго време покрај својот богомнадахнат старец, вредно ги исполнуваше сите негови поуки и ги слушаше неговите наредби, потчинувајќи им се нелицемерно, без поговор и без никакво роптање; уште повеќе, тој ни во помислите никогаш не се спротивставуваше на наредбите на старецот. Зашто во своето срце како на таблици, го имаше напишано ова: „Секоја заповест очева исполнувајте ја без гнев и премислување, по апостолското учење“(1Тим. 2,8). Па и каква е користа на послушникот: да има во рацете, а во устата роптање: извршувајќи ја наредбата, а со јазикот и умот да приговара; и кога тој човек ќе постигне совршенство? Никогаш. И соединувајќи со послушноста роптање, тие змија во своите скутови носат. Меѓутоа блажениот Јован, како вистински послушник, сите наложени работи и служби ги извршуваше без никакво роптање.

Во една прилика, старецот сакајќи да ја испита Јовановата послушност и смиреност, собра многу кошници, – а плетењето на кошници беше нивно занимање, нивно ракоделие, и му рече на Јована: „Имам слушнато чедо, дека кошниците се продаваат поскапо во Дамаск, отколку во Палестина, а ние во ќелиите, како што и сам гледаш немаме ни најнеопходни работи. Поради тоа земи ги овие кошници, па поитај во Дамаск и таму продај ги. Ама внимавај, немој да ги продаваш поефтино од одредената цена“. Па одреди старецот цена за кошниците далеку поголема отколку што вредат. А вистинскиот послушник ни со збор, ни со мисла не се спротивстви, ниту рече дека тие кошници не вредат толку и дека патот е далечен, тој не помисли ни дека е срамота за него да оди во градот во кој сите го знаат, и каде што тој порано им беше познат по својата власт. Ништо слично тој не рече, ниту помисли, бивајќи подржувач на послушниот до смрт Христос Господ. Напротив велејќи: „Благослови, оче!“ тој одма ги натовари кошниците на грб, и тргна итно во Дамаск. Облечен во искинати алишта, тој одеше по градот и по пазарите ги продаваше своите кошници. Луѓето кои се интересирале за кошниците, приоѓале и прашувале за цена. Но, штом ќе слушнеле толку висока цена, почнувале да се смеат и потсмеваат, а некои дури и го карале и навредувале блажениот Јован. Познаниците на блажениот не можеле да го препознаат, бидејќи бил облечен во обични просјачки алишта, оној кој некогаш носел од злато ткаени хаљини. И лецето му се изменило од постот, образите му се исушил и убавината овенала. Ама еден граѓанин, кој некогаш беше Јованов слуга, загледувајќи се внимателно во неговото лице, го препозна и се зачуди на неговиот просјачки изглед. Но, сожалувајќи се и воздивнувајќи од срце, тој пријде кон Јован, како кон непознат човек и ги купи сите кошници по цената одредена од старецот. Тој ги купи кошниците не затоа што му требаа, но од жал према таквиот човек, кој од онолкавата слава и богатство се доведе себе, поради Бога, во такво смирение и сиромаштво. Примајќи ги парите за кошниците, блажениот Јован се врати кај старецот, како некој победник од војна, кој со својата послушност го турна непријателот – ѓаволот, а со него и гордоста и суетната слава.

По извесно време време се претстави при Господа еден монах од таа лавра. Неговиот роден брат, останувајќи сам по смртта на брата си, плачеше неутешно за починатиот брат. Јован многу и долго го тешеше, но не можеше да го утеши неизмерно натажениот брат. Потоа, натажениот брат почна со солзи да го моли Јована за утеха и олеснуваер на во жалоста да му напише некоја умилна надгробна песна. Јован тоа го одбиваше, плашејќи се да не ја прекрши заповедта на својот старец, кој му заповеда ништо да не прави без негова наредба. Но натажениот брат не престануваше да го моли Јована, говорејќи: „Зошто не се смилуваш мојата ојадена душа и не ми дадеш макар мал лек во големите страдања на моето срце? Кога би бил лекат на телото, а мене да ме снашла некоја телесна болест, и да би те замолил да ме лечиш, а ти, имајќи можност да ме лечиш, одбиеш да го направиш тоа, и јас умрам од таа болест, зарем ти не би одговарал пред Бога за мене, бидејќи си имал можност да ми помогнеш, а си одбил? Меѓутоа сега, јас еве силно страдам со срцето и барам од тебе мала помош, а ти не ми ја даваш. Но ако издишам од жалост, зарем нема страшно да одговараш за мене пред Бога? Ако се плашиш од заповедта на старецот, тогаш тоа што ти ќе ми го напишеш јас ќе го скријам кај себе, за твојот старец да не дознае ниту да чуе за тоа.

Кандисан од овие зборови, балжениот Јован, најпосле ги напиша следниве надгробни тропари: „Која сладкост животна останува недопрена од тагата?“… „Суета е се што човечко по смртта останува“… „Тешко мене, каква борба има душата, што од телото се одделува!“… и останатите, кои Црквата и денес ги пее на опелата нда покојните.

Еднаш кога старецот отиде некаде од ќелијата, Јован седејќи внатре ги пееше составените тропари. По некое време старецот се врати, и приближувајќи се до ќелијата го слушна Јован кај пее. Веднаш влегувајќи во ќелијата, тој почна гневно да му говори на Јована: „Зошто така брзо ги заборави своите ветувања, и наместо да плачеш ти се радуваш и велесиш потпевнувајќи некакви песни?“ Јован му ја раскажа причината за своето пеење, објаснувајќи дека со солзите на братот бил приморан да ги напише песните, почна да моли прошка од старецот паѓајќи ничкум на земја. Меѓутоа старецот, неумолив како некој тврд камен, во тој час го одлачи блажениот од заедничкиот соживот и го протера од ќелијата.

Протеран, Јован се присети  на адамовото прогонство од рајот, кое го снајде поради непослушност, и ридаше пред ќелијата на старецот, како некогаш Адам пред рајските двери. Потоа отиде кај другите старци, за кои знаеше дека се возвишени во добродетелите, молејќи ги да отидат кај неговиот старец и да измолат да му го прости согрешението. Тие отидоа и го молеа старецот да му прости на својот ученик и да го прими во ќелијата, но старецот остана неумолив. Еден од отците му рече на старецот: „Дај му епитимија на ученикот кој згреши, ама не го одлачувај од заедницата со тебе!“ Старецот одговори: „Еве му ја давам оваа епитимија: ако сака да добие прошка за својата непослушност, нека со своите раце ги исчисти нужниците на сите ќелии и нека ги измие сите смрдливи места во целата лавра“. Слушнувајќи такви зборови, оците се посрамеа, и збунети отидоа, чудејќи се на жестоката и непопустливата нарав на старецот. А Јован, ресретнувајќи ги и по обичајот поклонувајќи им се, ги праша што им рекол неговиот отец. ТИе му раскажаа за суровоста на старецот, но не смееја да кжат што предложи старецот за епитимија. Им беше срам да говорат така срамни наредби на старецот. Меѓутоа Јован од целото свое срце моелеше да му кажат што му наложил отецот. А кога најпосле му кажаа, тој се израдува, наспроти нивните очекувања, и со радост ја прими наложената епитимија. И веднаш спремајќи садови и орудија за чистење, тој почна усрдно да ја извршува наредбата, допирајќи ја нечистотијата со оние раце кои порано ги мачкал со разни мириси, и валкајќи ја со измет онаа десница која чудесно била исцелена од Пречистата Богоородица. О, длабоко смирение на необичниот маж и вистинскиот послушник!

Меѓутоа старецот, гледајќи го таквото смирени Јованово, милина му ја обзеде душата и потрчувајќи го прегрна, и му ги целиваше главата, рамената и рацете, говорејќи: „О, каков страдалец за Христа родив! О, навистина е ова вистински син на блажената послушност!“ А, Јован, срамејќи се од старчевите зборови, падна ничкум на земја пред него како пред Бога и не превознесувајќи се себе поради пофалните старчеви зборови, туку уште повеќе смирувајќи се, го молеше со солзи да му го прости согрешението негово. Земајќи го Јована за рака, старецот го воведе во својата ќелија. На тоа Јован толку многу се израдува, како да е повторно вратен во рајот; и живееше со старецот, во поранешната слога.

По малку време Владичицата света Пречиста и Преблагословена Дева, му се јави на старецот во ноќно видени, и рече: „Зошто си го затворил изворот кој може да точи од себе слатка и обилна вода? Вода која е подобра онаа што потекла од каменот во пустината[15]; вода која посака да ја пие Давид[16]; вода која Христос и` ја вети на Самаријанката[17]. Не му пречи на изворот да тече; бидејќи ќе потече изобилно и целата вселена ќе ја залие и ќе ја напои; ќе покрие многу ереси, и ќе ги претвори во прекрасна сладост. Нека жедните брзаат на таа вода; и оние кои немаат сребро на чистиот живот, нека ги подадат своите пристрасност, и со подржување на Јовановите добродетели, со нивна помош нека стекнат чистота во догматите и во делата. Зашто оној кој ќе ја земе гуслата на пророкот, псалтирот Давидов, и ќе состави нови песни за Господа Бога, ќе ги надмине песните Мојсееви и восклиците Маријамови[18]. Во споредба со нив ништо ќе бидат песните на Орфеј за кои се говори во басните[19], тој ќе состави духовна небесна песна и ќе ги подржува херувимските песнопенија. И ќе направи тој да Црквата Ерусалимска, како девојка со тапани, да Му пее на Господа, објавувајќи ја смртта и воскресението Христово. Тој ќе ги напиши догматите на Православната вера, и ќе ги изобличи учењата на еретиците. Срцето негово ќе откликнува добар збор, и ќе ги опише сечудесните дела на Царот[20]“.

Утредента наутро старецот го повика Јована и му рече: „О чедо на послушноста Христова! Отвори ја устата своја, да Го привлечеш Духоти што си примил во срцето, то воскликни го со устите; устата твоја нека говори премудрост, која си ја стекнал размислувајќи за Бога. Отвори ја устата своја не поради зборување, туку поради вистината и не поради гатање, туку поради догматите. Говори кон срцето Ерусалимско, кое Бог го гледа, тоест кон смирената Црква Негова; говори не зборови празни и во воздух изговорени, туку зборови кои Духот Свети ги напиша во срцето твое. Искачи се на високиот Синај на Боговидувањето и откривањето на Божествените тајни; и за преголемото смирени свое, со кои си слегол до последниот ден, искачи се сега на гората Црковна и проповедај благовестувајќи го Ерусалим. Силно подигни го гласот свој, зашто многу слани работи ми рече за тебе Богомајката. А мене, те молам прости ми што ти бев пречка по својата грубост и од незнаење“.

Од тоа време блажениот Јован почна да пишува божествени книги и да составува милозвучни песни. Тој го состави Осмогласникот, кој како духовна фрула ја развеселува Црквата Божја се до денешен ден. Првата своја книга, богонадахнатиот Јован ја започна со овие зборови: „Твојата победоносна десница богодолично се прослави во силата“[21].

По повод чудесното исцелување на својата десна рака, свети Јован, восхитен од радост, воскликна од целата своја душа прекрасна песна кон Пресветата Богородица: „О тебје радујетсја, Благодатнаја, всјакаја твар“[22]. Убрусот пак, со кој била завиткана неговата отсечена рака, блажениот Јован ја носеше на својата глава, како потсетник на прекрасното чудо на ПРечистата Богородица. Напиша свети Јован и житија на некои светители; состави празнични слова и разни умилни молитви; ги изложи догматите на верата и многуте тајни на богословието; пишуваше тој и против еретиците, особено против иконоборците; напиша тој и други душекорисни дела, со кои верните и денес се хранат како со духовна храна и пијаат како од сладок поток[23].

На ваквиот труд преподобниот Јован бил потикнуван од страна на блажениот Козма, кој заедно со него растел и заедно со него учел кај еден учител. Тој го побудуваше на пишување на божествени книги и составување на црковни песни, а и самиот му помагаше. Подоцна Козма од страна на патриајрхот Ерусалимски беше поставен за епископ Мајумски. После тоа истиот патриајрх го повика преподобниот Јован и го ракоположи за презвитер. Но прподобниот Јован, не сакајќи долго да се задржува во светот и да биде фален од луѓето, се врати во обителта на свети Сава и осамувајќи се во својата ќелија, како птица во гнездо, тој усрдно се бавеше со читање и пишување на божествените книги и ги раѓаше на свое спасение. Собирајќи ги сите книги кои порано ги напишал, блажениот Јован повторно ги прочитуваше и многу внимателно го исправаше она што требало да се исправи, особено во зброовите и изразите, за да не би во нив останало ништо нејасно.

Во такви трудови, нему корисни и на Црквата Христова многу потребни и во подвизи монашки, преподобниот Јован помина многу години и достигна монашко совренство и светост. И така угодувајќи му на Бога, тој премина кај Христос и кај Пречистата Мајка Негова;[24]  и сега, клањајќи Им се на на иконите, туку гледајќи ги самите Лица Нивни во небесната слава, се моли за нас, да и ние се удостоиме на истото божествено гледање по неговите свети молитви, а по благодатта на Христа, Кому со Преславната и Преблагословената Мајка Негова, нека Му е чест, слава и поклонение во веки. Амин.

 

bogorodica_trojerucica

[1] Дамаск – главниот, најбогатиот град во Сирија; еден од најстарите градови на светот, се наоѓа на североисток од Палестина, на реката Барада, во прекрасна и плодна рамнина, во источното подножје на Антиливана

[2] Свети Јован Дамаскин се родил околу 672. Година. Насленото негово име беше Мансур.

[3] 1. Мојс. 41,37

[4] Данил. 2,48

[5] Татко му на свети Јован Дамаскин, Сергиј Мансур, ја обавувал кај Дамаскиот калиф Абд Алмалик (685-705), всушност должноста на главен логотет, т.е. благајник на државната благајна.

[6] Стигар – град на Халкидичкиот полуостров, во кој се родил елинскиот философ Аристотел (4. Век пред Христа), поради тоа наречен и Стагирит. А Аристонов син овде е наречен грчкиот философ Платон (4. Век пред Христа)

[7] Питагора – знаменит елински философ и математичар, во шестиот век пре Христа.

[8] Диофан – Александриски математичар, во четвртиот век пред Христа

[9] Евклид – математичае во третиот век пред Христа

[10] Највисоката власт во дворот свети Јован Дамаскин ја доби при Калифот Велиди (705-715. година), кому тој му беше наблизок советник и министер. Но примајќи ги врз себе обврските од новото звање, тој никогаш не ја заборави својата врховна должност: да Му служи на Господ Христос, и секогаш се грижеше да биде верен на вистината Христова и користен на светата Црква. Во тоа време во Сирија делувале разни еретици: несторијанци, монофизити, монотелити, павликијани; најстрашно од се` во тоа време Мухамеданството господарело во Сирија. Свети Дамаскин во таква средина, како главна работа во својот живот го работел следното: точно го излагал учењето на Црквата, и го бранел, изобличувајќи ги птритоа лажните еретички учења, кои на било кој начин го унакажувале апостолското предание, чувано со светиот живот на Вселенската Црква. Надарен и богомудар, но во исто време и необично трудољубив со свет живот, тој богонадахнато и пишувал и говорел и бил неустрашив во сите борби со непријателите на Христовата вистина. – Тогаш ја напишал и апологијата против мухамеданството.

[11] Лав Исавријанец царувал во Ромејското Царство од 716-741 година

[12] Свети Јован Дамаскин напишал дело во заштита на светите икони и го пратил во Константинопол. Помеѓу останатото таму го пишува и ова: „Свесен за својата недостојност, нема сомнеж дека ја треба да молчам и само да ги оплакувам своите гревови пред Бога. Но, гледајќи ја жестоката бура, која ја вознемирува Црквата Божја, сметам дека сега не е време за молчење. Се плашам од Бога, повеќе отколку од земниот господар; но власта на господарот е толку голема, што лесно може да го повлече народот“. Во тој спис свети Јован ништо навредлицо не рекол за царот Лав. На молба на своите пријатели, блажениот Јован напишал уште, едно по друго, две посланија во заштита на светите икони. Овие посланија со полно срце се читале во Цариград и по другите места; тие ги подржувале немоќните во Православието, а јаките ги крепеле во уште појака вера.

[13] Соученик и другар и пријател на блажениот Јован, Козма, подоцна епископ Мајумски, еден од најголемите поети на Православната Црква. Неговиот спомен се празнува на 12. Октомври.

[14] По Типикот на свети Сава Освештени секој нов бил поверуван на испитување, надзор и раководство на старец, искусен во духовниот живот. Така постапиле и со Јован, без оглед на тоа што неговиот благочестив живот и огромна ученост биле познати на целиот Исток.

[15] 4. Мојс. 20,11.

[16] 2. Цар. 23,25.

[17] Јн. 4,14

[18] 2. Мојс. 15, 1-21

[19] Орфеј – пејач, херој на грчките митови, силата на неговиот глас и пеење била толку голема, да под негово влијание дрвјата играле, камењата скокале и дивите ѕверови се скротувале.

[20] Псал. 44,2

[21] Првиот ирмос на првиоте глас во Осмогласникот. Октоихот = Осмогласник е еден од првите поетски дела на свети Јован Дамаскин. По зборовите на Ерусалимскиот Патријарх Јован, свети Дамаскин, непоколебливиот исповедник и страдалник за молитвеното почитување на светите икони, одушевен од чудесното исцелување на својата отсечена десна рака, ја испеал оваа торжествена песна: „Твојата победоносна десница, богодолично се прозлави во силата“, која е во духот на победната и благодарната Мојсеева песна по преминот на Израилците преку Црвеното Море. По оваа се нижеле други песни, од кои е составен Осмогласникот. Појавата на Осмогласникот предизвикала промена во целокупниот состав на богослужењата. Уште за животот на свети Дамаскин, неговиот Осмогласник бил примен на целиот Исток, а по некое време преминал и на Запад. Подоцна во Осмогласникот влегле песни и од некои подоцнежни црковни поети; но главно тој е дело на свети Дамаскин. Со својот Осмогласник, светиот Дамаскин ја направил и оваа богомудра работа: од разноврсните мелодии кои до тогаш биле во употреба, тој ги избрал првенствено таквите кои молитвено и побожно делуваат на христијаните и нивното расположение. Музичките знаци во Октоихот на свети Дамаскин биле кукасти.

[22] Подоцна оваа прекрасна песна во чест и слава на Пресвета Богородица влегла во составот на литургијата на свети Василиј Велики. Меѓу многубројните песни на свети Јован Дамаскин особено се истакнуваат песните во чест на Пресвета Богородица, под чија особена благодатна заштита се наоѓал. Такви се на пример неговите канони на Благовештение, Успение, Рождество Богородично, „Милосердија двери отверзи нам“, „Преславнаја Приснодјево, Мати Христа Бога, принеси нашу молитву Сину твојему“, „Многаја множества мојих Богородице прегрјешениј“, „Все упованије моје на тја возлагају“ и други. Воопшто како црковен поет свети Дамаскин е исклучиво голем и единствен, и нема со кого би се споредил; затоа и е наречен „Златоструни“ (Златожичани) – χρυσορόης.

[23] Свети Дамаскин составил 64 канони. Меѓу нив се истакнува како особено богонадахнат и ненадминливо убав: Канонот на Велигден. По богомудроста и боголепието на овој се приближни неговите канони на Рождество Христово, на Богојавление, на Вознесение Господово. Свети Дамаскин го напишал прекрасниот тропар: „Пречистому Твојему образу полањајемсја Благиј“. Неговите антифони се ненадминливи по длабочината на мислата и исполнетите чувства. Воопшто, свети Дамаскин е поет каков немало во Црквата ни пред него ни по него. Свети Дамаскин не се прославил само по своите песни, туку и со своите знаменити богословски дела, кои го ставаат во редот на великите и најголеми отци и учители на Црквата. Подвижник со свето срце и свет ум. Тој прв меѓу светите отци го изложил богословското учење на Православната Црква во складен систем. Тоа тој го напрвил во своето знаменито дело: „Изложување на православната вера“. Ова дело засекогаш е образец на православната догматика. Воопшто, се` што напишал свети Дамаскин е од трајна и неминлива вредност во Црквата Христова и за Црквата Христова. Се` е големо од него, кој е голем и како догматичар, и како полемичар, и како историчар, и како философ, и како беседник, и како поет. Негови дела се следниве: Дијалектика, Книга за ересите, Свештени паралели, Раководство, За правилното размислување, За Света Троица, За ликот Божји во човекот, За природата на човекот, Три слова против иконоборците, Апологија против мухамеданците; и дела против: несторијанците, монофизитите, монотелитите, манихејците. Свети Дамаскин дал и кратки толкувања на посланијата на светиот апостол Павле. Пишувал опширно за светиот маченик Артемиј. Драгоцени се и неговите проповеди на Преображение Господово, Рождество и Успение на Богородица, Слово за упокоените во верата, Поучување за осум зли помисли итн. На крај, свети Дамаскин направил драгоцена услуга на Црквата односно на богослужбениот поредок, бидејќи го прегледал и го дополнил Уставот (Типикот) Ерусалимски, составен од свети Сава Освештени и го составил Месецословот = Календарот.

[24] Свети Јован Дамаскин се претставил околу 776 година, во 104. Година од својот живот и бил пограбан во Лаврата на свети Сава Освештен покрај гробот на светиот ктитор. Во време на Ромејскиот цар Андроник Втори Палеолог (1282-1328) светите негови мошто се пренесени во Константинопол.

 

 

Напишете коментар