СТАТИЈА ВТОРА – на Велики Петок

1. Достојно е,
Жизнодавче, да Те славиме;
Рацете на крст ги рашири;
Ја победи сета сила пеколна.

2. стих: Господи, Твоите раце ме создадоа, вразуми ме и ќе се поучам од Твоите заповеди.

Достојно е,
Да Те величаме, Создателе,
Твоето страдање не спаси нас;
Од погибелта се избавивме.

3. стих: Боже, тие што се плашат од Тебе, ќе ме видат и ќе се развеселат; на зборовите Твои се надевав.

Спасителе,
В ужас беше земјата,
Сонцето исплашено се скри,
Кога Тебе, Светлино, гробот Те покри.

4. стих: Господи, разбрав дека се прави Твоите пресуди и навистина Ти ме смири.

Христе Спасе,
Заспа во гробот со природен сон;
И од тешкиот гревовен сон
Ти го разбуди родот човечки.

5. стих: Боже, да биде Твојата милост на Твојот слуга; според Твоите зборови утеши ме.

Слатко чедо,
Мајка сум што без болки роди,
Болки големи сега трпам,
Пречистата плачејќи велеше.

6. стих: Господи, да се излие на мене Твојата милост и ќе бидам жив; Твојот закон е поука за мене.

Спасителе,
Ти со Отца си неразделно,
А мртов долу на земјата,
Се чудат ангелите гледајќи Те.

7. стих: Да се засрамат горделивите, зашто неправедно ме гонеа, а јас ќе ги исполнувам Твоите заповеди Господи.

Слово Божјо,
Поради Твоето распјатие,
Се раскина црковната завеса.
Ти си под земја, Светлино на светот.

8. стих: Господи, да бидам со оние кои се бојат од Тебе и ја знаат Твојата вистина.

О, небеса,
Од глетката се исплашивте:
Оној што светот го створи,
Мртов, без душа сега зајде под земја.

9. стих: Боже, да биде срцето мое чисто, според Твоите заповеди да не се срамам.

Створителе,
Ти си сега под земја;
Со сесилната Твоја власт
Од под земја луѓето да ги подигнеш.

10. стих: Се сомневам во спасението на мојата душа, на Твоите зборови се надевам, Господи.

Христа умрениот
Со солзи да го исплачеме
Како некогаш мироносците.
Со нив да чуеме: радувајте се!

11. стих: Господи, се вдлабочувам во Твоето слово и се прашувам: кога ќе ме утешиш?

Мироносиците,
На Тебе, Животодавецот,
Како на мртов миро донесоа.
Слове, Ти си миро неисцрпливо.

12. стих: Господи, во тешкотии бев, но Твоите наредби не ги заборавив.

Спасе Христе,
Погребен, адот го победуваш,
Со смртта смртта ја уриваш,
Нас смртните од гнилеж не спасуваш.

13. стих: Господи, колку се деновите на Твојот слуга? Кога ќе им судиш на оние што ме гонат?

Премудрост Божја,
Ти изливаш животни струи,
Ги оживуваш и мртвите,
Ги ослободуваш адовите пленици.

14. стих: Господи, законопрестапниците ми ја кажуваа својата мудрост, но вистината е во Твојот закон.

Мајко Моја,
Не плачи ме, не ридај!
Јас телесно смртно сум ранет,
Да го обновам човекот паднат.

15. стих: Господи, неправедно ме гонеа, помогни ми; сите Твои заповеди се вистина.

Благи Боже,
Светлина си на правдата,
Ги дигна мртвите како од сон,
Разгонувајќи ја темнината пеколна.

16. стих: Господи, за малку ќе ми го одземеа животот, но не ги оставив Твоите заповеди.

Пченично зрно,
Денес со солзи посеано,
Во утробата на земјата наша,
Но, изникнато, радост си на светот.

17. стих: Господи, биди милостив во сите денови на мојот живот и јас ќе ги пазам откровенијата на Твојата уста.

Праотец Адам,
Во рајот се исплаши од Бога,
Во адот Го пречека радосно,
Тогаш паднат, сега се подигнува.

18. стих. Господи, Твоите зборови се вечни на небото и на земјата.

Мило Чедо,
Како што предрече, воскресни,
Мајка Ти Христе, редеше,
Кога телесно в гроб Те полагаа.

19. стих: Господи, Твојата вистина е од род во род; Ти си ја ставил земјата на тврди основи и таа продолжува.

О, Спасителе,
Со болка Јосиф Те погребува,
Песни погребни со солзи пее,
Песни жални за Тебе достојни.

20. стих: Со Тебе денот денува; се` што живее Тебе Ти служи.

О, Слово Божјо,
Распнат Те гледа Мајка Ти,
Клинци од маки срце и` кинат,
Стрели пробиваат нејзина душа.

21. стих: Господи, ако Твојот закон не беше поука за мене, ќе бев сосема изгубен.

Иисусе слатки,
Мајка Ти со болка Те гледа
Што горчлив пиеш пијалок,
Со солзи лицето го мие.

22. стих: Никогаш не ќе ги заборавам Твоите поученија, Господи, оти преку нив ме оживуваш.

Твојата Мајка,
Христе, плачеше и велеше:
Тешко сум ранета и страдам,
Гледајќи неправедно страдање.

23. стих: Твој сум, Боже, спаси ме; ја барам Твојата правда.

Јосиф ридаше:
Иисусе, како да Те закопам;
Како очи, уста да Ти затворам,
Како достојно да Те погребам.

24. стих: Господи, грешници ме чекаа за да ме погубат, но јас ги разбрав Твоите откровенија.

Јосиф и Никодим
Надгробни песни денес пеат,
Тажен погреб на Христа прават,
Со нив пеат и серафимите.

25. стих: Господи на секој крај крајот му го видов; Твојата заповед е бескрајна.

Сонце на правдата,
Денес под земјата заоѓаш;
Жали луната што Те роди,
Лишена од Твојот светол лик.

26. стих: Господи, многу го сакам законот Твој; цел ден ми е поука

Животодавче,
Адот се исплаши гледајќи Те,
Ти му ги зеде богатството
И ги воскресна сите умрени.

27. стих: Боже, со Твојата заповед Ти ми даде мудрост поголема од мудроста на моите непријатели; таа е секогаш со мене.

Вечно Сонце,
По ноќта Сонцето изгрева,
А Ти кога од гроб воскресна,
Ни подари светлина и топлина.

28. стих: Господи, разбрав дека Твоите заповеди се поука за мене.

Спасе, Создателе,
Земјата во прегратки Те прими,
Од страв и ужас трепери;
Со потресот мртвите ги подигаш.

29. стих: Господи, разбрав повеќе и од старците, зашто Твоите заповеди ги барав.

О, мој Христе,
Јосиф набожниот и Никодим
Денес со миро Те миросаа
И извикаа: земјо застраши се!
30. стих: Господи, им забранив на моите нозе да одат по лоши патишта, за да ги запазам, Твоите зборови.

Творче на светлина,
Со Тебе зајде светлината;
Целата вселена трепери;
Те проповеда, Створителе на се`.

31. стих: Господи, не се отклонив од Твојата волја; Ти си мој законоположник.

Изглачен камен
Го покрива аголниот камен;
А смртниот човек Бога
Како смртен сега го покрива.

32. стих: Колку ми се слатки Твоите зборови, Господи! И од мед се послатки.

Еве не`, Чедо,
Мене и ученикот сакан.
Прозбори ни еден сладок збор –
Плачеше Мајката пречиста.

33. стих: Господи, ги разбрав Твоите повелби и го намразив патот на неправдата.

Животодавче,
На крст Те распнаа Јудеите,
Но Ти смртно не ги накажа,
Ги воскресна нивните умрени.

34. стих: Законот Твој, Господи, е светилник за моите нозе и светлина на моите патеки.

Христе Страдалец,
Без изглед и без убавина,
Но воскреснувајќи од гробот
Убавина вечна нам ни подари.

35. стих: Господи, се заколнав и решив да ги запазам пресудите на Твојата правда.

Христе Светоносец,
Ти во тело зајде под земја.
Не можеше сонцето да гледа;
Тоа потемна уште на пладне.

36. стих: Боже, се смирив сосема; според Твоите зборови, крепи ме.

О, мој Спасителе,
Темнеат сонцето и луната,
Како слуги верни и добри,
Нажалени, в црно облечени.

37. стих: Господи, благослови да зборувам што е право пред Тебе; научи ме како да живеам.

Макар и мртов,
Стотникот за Бог Те призна,
А Јосиф исплашен извика:
Боже мој, како да Те допрам?

38. стих: Господи, душата моја е секогаш во Твојата рака, а законот Твој не го заборавам.

Адам заспа,
Од ребрата Негови смрт истече,
Слове Божји, сега Ти спиеш,
Од ребрата Твои живот нов струи.

39. стих: Боже, грешниците ми ставија примки, но јас не се оддалечив од Твоите заповеди.

Благи Спасителе,
Заспа; умрените ги оживе.
И кога Ти, Христе, воскресна,
Заспаните од века ги воскресна.

40. стих: Господи, ги примив Твоите откровенија; тие се радост за моето срце.

Лозо животна,
Слегна до дното на земјата,
Вино спасително ни подари;
Крст и страдање ние славиме.

41. стих: Боже, го приклонив срцето мое; сакам секогаш да ги исполнувам Твоите желби, за да се оправдам.

О, мој Спасителе,
Како ангелите Ти пеат:
Окрвавен, наг и осуден.
И ја трпат грубоста на џелатите.

42. стих: Господи, ги намразив законопрестапниците, а законот Твој го засакав.

О, роде Јудејски,
Народ жесток и горделив,
Зошто Христа на смрт Го осуди?
А знаеше дека Тој ќе воскресне.

43. стих: Боже, Ти си мој помошник и заштитник; на Твоите зборови се надевав.

На се` Украсителот,
Кој што небото го утврди
И земјата чудено украси, –
Го облекуваше во срамна облека.

44. стих: Јас ги исполнувам повелбите на мојот Бог; отстапете од мене сите што безаконствувате.

О, Слово Божјо,
Како феникс Те прободоа;
Мртвите чеда ги оживе
Влевајќи им нови сили жизнени.

45. стих: Боже, според Твоето слово, запази ме и ќе бидам жив; не посрами ме во мојата надеж.

Навин туѓинци
Гонеше и сонцето запре,
А Ти , Спасе, појде под земја.
Сонцето од болка во мрак се скри.

46. стих: Господи, помогни ми и ќе се спасам; секогаш ќе се поучувам од Твоите повелби.

Христе милостив,
Вечно, неразделно со Отца,
Благоволи Човек да станеш;
За нас, Христе, во пеколот слегна.

47. стих: Боже, Ти ги понижи сите што отстапуваат од Твоите заповеди, бидејќи нивната мисла е неправедна.

На крст е распнат
Што врз вода земјата ја стави,
Сега без душа во неа лежи;
Од болки лути земјата трепери.

48. стих: Господи, сите грешници на земјата ги сметав за престапници, затоа ја засакав Твојата вистина.

О, мој Сине,
Плачеше Дева: тешко ми мене,
Се надевав цар да Те видам,
Сега, осуден, на крст умираш.

49. стих: Боже, се исплашив од твојот суд; телото мое прикови го со Твојот страв.

Гаврил ми рече,
Кога при мене тој долета
Царството на Сина ми Иисуса
Ќе биде вечно и непреодно.

50. стих: Господи, судев и пресудив правда; не ме предавај на оние што ме навредуваат.

Сега се исполни
Пророштвото на Симеона:
О, Емануиле, мечот Твој
Го пронижува срцето мое.

51. стих: Господи, прими ме мене, слугата Твој, со добрина, за да не ме обвинуваат горделивите.

Јудеи бесрамни,
Засрамете се од мртвите
Животодавецот што ги воскресна,
Кого од завист вие го убивте.

52. стих: Боже, цел век од Тебе спасение чекам и од зборот на Твојата вистина.

Вечна светлино,
В ужас сонцето се помрачи
Гледајќи Те Тебе, Христе мој,
Без дишење, в гроб сокриен.

53. стих: Господи, стори го Твојот слуга според Твојата милост и научи ме на Твоите повелби.

Горко плачеше,
Слове, Мајка Ти Пречиста,
Кога Тебе во гробот Те виде
Неискажливиот, беспочетен Бог.

54. стих: Господи, јас сум Твој слуга; вразуми ме и ќе ги разберам Твоите откровенија.

Мајка Ти Пречиста,
Христе, мртов Те гледаше,
Горко плачеше и ридаше:
Животе, оддели се од мртвите!

55. стих: Господи, го разорија Твојот закон; време е да работиме за Тебе.

Адот трепереше
Кога Тебе Те виде, бесмртни,
На вечната правда Сонцето,
Бргу ги пушташе затворниците.

56. стих: Господи, ги засакав Твоите заповеди, ги сакам повеќе од злато и скапоцени камења.

О, глетка страшна!
Оној од Кого е животот,
На смрт и маки се предава,
Сакајќи мртвите да ги оживи.

57. стих: Боже, живеам според Твоите заповеди, затоа ги намразив патиштата на неправдата.

Благи Господи,
В ребра прободен и прикован,
Ја лекуваш раната Адамова,
Невоздржанието на праотците.

58. стих: Господи, прекрасни се Твоите откровенија и затоа душата моја ги испитува.

Спасе, некогаш
Плачеа за синот на Рахиља,
Денес за Тебе, Синот на Дева –
Апостолите и Твојата Мајка.

59. стих: Боже, Твоите зборови просветуваат; тие се поука за младите.

Христа Господа,
Што човекот со рака го створи,
Со раце по лице го бијат.
Устата на ѕверот Тој ја сокруши.

60. стих: Господи, ја отворив мојата уста и со дух се исполнив; ги сакам Твоите заповеди.

Христе, со песни
Ние верните го празнуваме
Распјатието Ти и погребот,
Со Твојата смрт од смрт нѐ избави.

61. Слава на Отца и Сина и Светиот Дух:

Боже Троичен,
Совечни Отче, Сине и Душе,
Ти си Бог силен и правичен;
Укрепи го родот наш во верата.

62. стих: И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Дево Пречиста,
Ти си му Мајка на Животот,
Спаси ја Црквата од соблазни;
Ти си блага, мир ни подари.

И пак првата песна:

Достојно е,
Жизнодавче, да Те славиме;
Рацете на крст ги рашири;
Ја победи сета сила пеколна.

Потоа мала ектенија и возглас:

Зашто си свет, Боже наш, Ти почиваш на престолот од херувимската слава, и Тебе Те прославуваме со беспочетниот Твој и со пресветиот, благиот и живототворен Твој Дух, сега и секогаш и во вечни векови.

Напишете коментар