СТАТИЈА ПРВА – на Велики Петок

Благословен си, Господи, научи ме на Твоите заповеди.

1. стих: Блажени се непорочните кои одат според законот на Господа.

Живот си, Христе,
Но в гроб Те ставија,
Ангелските воинства се исплашија
Славејќи го Твоето смирение.

2. стих: Блажени се тие кои со сето срце ги исполнуваат Божјите заповеди.

Животе, зошто умираш
И в гроб лежиш?
Но, царството на смртта го разоруваш,
Од адот мртвите ги издигнуваш.

3. стих: По патишта Негови одеа оние што беззаконија не твореа.

Иисусе Царе,
Тебе Те величаме,
Гробот и маките ги почитуваме
Со кои не спаси од гниење.

4. стих: Господи , Ти си ни заповедал секогаш да ги исполнуваме Твоите заповеди.

Иисусе Спасе,
Земјата ја измери,
А денес в тесен гроб Ти обитаваш
И од гробот мртвите ги издигнуваш.

5. стих: Боже, ако ги исполнам Твоите заповеди. Прави ќе бидат моите патишта.

Иисусе Христе,
Ти си Цар на сите нас.
Што бараше при оние во пеколот?
Не човекот ли од зло да спасиш?

6. стих: Господи, не ќе се посрамам, ако внимавам на сите Твои заповеди.

Навидум мртов
Е Господарот на се`
И в нов гроб како мртов е положен,
Празнејќи го сам гробот на мртвите.

7. стих: Боже кога ќе ги научам тајните на Твојата вистина, со чисто срце ќе те исповедам.

Христе, Животе,
Во гробот си положен,
Но со Твојата смрт смртта ја победи
И за светот извор на живот стана.

8. стих: Не оставај ме, Господи, до крај ќе ги пазам Твоите заповеди.

Сам се приопшти
Христе кон злосторници
Од злото сите нас да не оправдаш
Од ѓаволски мрежи да не` избавиш.

9. стих: Господи и најмладиот ќе го исправи својот пат, ако ги запази Твоите зборови.

Прекрасен е светот
В добрина неспоредлив,
Тој е украс на целата вселена,
А сега в гроб лежи без убавина.

10. стих: Боже, Те барам со сето свое срце, не оддалечувај ме од Твоите заповеди.

Како, о Спасе,
Адот ќе те истрпи?
Тој ќе бидe сиот згазен и ослепен
Од блесокот на Твојата светлина.

11. стих: Господи, ги скрив зборовите Твои во срцето мое, за да не Ти згрешам.

Иисусе благи,
Светлино спасителна!
Можеше ли в темен гроб да се сокриеш?
О неискажливо ли трпение!

12. стих: Благословен си, Господи, учи ме на Твоите правдини.

Родот човечки
и бесплотните сили
зачудени стојат пред гробот Христе;
невидената тајна ги порази.

13. стих: Господи, со устата моја го објавив Твојот суд.

Чудо пречудно!
Необични нешта!
Животодавецот е лишен од живот,
Од раце Јосифови погребуван.

14. стих: Боже, се насладив од Твоите откровенија како од секое богатство.

Колку е дивно,
Христе мој, преславно!
Ти како човек в гроб мрачен лежиш,
Но неразделно со Отца остана.

15. стих: Господи, ќе размислувам за Твоите заповеди и ќе ги разберам Твоите патишта.

Иисусе Царе,
На небо и на земја,
И ако Ти в тесен гроб беше заклучен, сепак на
Тварите Ти си Владетел.

16. стих: Боже, не ги заборавам Твоите зборови, ќе се поучам со Твоите заповеди.

В гроб положен,
О, Христе Создателе!
Основите пеколни се растресоа,
Се отворија човечките гробови.

17. стих: Господи, дај ми мене, на Твојот слуга, да живеам и ќе ги исполнувам Твоите зборови.

Седржителе,
Задржан под земјата
Телесно си умртвен и в гроб затворен
Избавувајќи ги мртвите од адот.

18. стих: Боже, отвори ми ги очите ќе ги разберам чудесата на Твојот закон.

Животе, Спасе,
Излези од гниење.
Како мртов дојде Ти при умрените,
Ги искрши оковите адови.

19. стих: Господи, придојден сум на земјата, не скривај ги од мене Твоите заповеди.

Божјото тело
Како свешник на светот
Сега е скриено под гробната плоча,
Ја прогонува адската темнина.

20. стих: Боже, во секое време мојата душа ја сака и пожелува Твојата правда.

Силите ангелски
Со Јосиф и Никодим
Се собраа да Те погребаат во мал гроб
Тебе, за Кого мала е и вселената.

21. стих: Господи, Ти им се противиш на горделивите, проклети да се оние кои се отклонуваат од Твоите заповеди.

Иисусе Христе,
Жизнодавче, Спасе мој,
Доброволно умре Ти и смртта ја прими,
Та мене мртвиот да ме оживиш.

22. стих: Боже, ослободи ме од гордост и отчајност; сакам да живеам според Твојата волја.

Слово Божјо,
Со Твоето страдање,
Признавајќи Те Тебе, Творче сесилен,
Сѐ се измени страдајќи со Тебе.

23. стих: Господи, кнезовите седеа и ме клеветеа, а јас, слугата Твој, размислував за Твојата правда.

Адот изедник
В утроба Те прими
Тебе, скапоцен камен на животот.
Тој ги поврати сите умрени.

24. стих: Боже, Твоите откровенија се поука за мене и Твоите заповеди – мои совети.

Иисусе Христе,
В гроб Те положија,
Човечката природа Ти ја обнови,
Од мртвите кога славно воскресна.

25. стих: Господи, кон земјата се приврза душата моја; помогни ми да живеам според Твојот закон.

Христе Господи,
Ти слегна на земјата,
Слегна, да го спасиш Адама
И барајќи го, отиде во пеколот.

26. стих: Боже, Ти ги покажав моите патишта и Ти ме чу; научи ме на Твојата правда.

Наш Спасителе,
Како човек умираш,
Како Бог смртните си ги подигнал
Од гробовите и бездните на гревот.

27. стих: Господи, откриј ми ги патиштата на Твоите заповеди и ќе ги разберам чудесата Твои.

О, Слово Божјо,
Земјата се затресе
И ѕвездата Деница лачите ги скри
Кога влезе в гроб Ти, вечна Светлино!

28. стих: Боже задрема душата моја од отчајноста; утврди ме во зборовите Твои.

Со солзни ридања
Пречистата Ти Мајка,
Иисусе, мајчински Ти извикуваше:
Како ќе Те погребам, о Сине мој!

29. стих: Господи, патот на Твојата правда да ми биде закон и секогаш ќе го исполнувам.

Праотец Адам
Од завист е умрен,
Твојата смрт, Спасе, живот ми подари
Нов Адам кога в тело се јави.

30. стих: Боже, го засакав патот на вистината и не ги заборавив Твоите наредби.

Спасителе мој,
Под земја се скри Ти,
Сега ноќта црна Тебе Те покрива.
Озари не` нас Ти, вечна Светлино!

31. стих: Господи, ја засакав Твојата наука, не ме посрамувај.

Мој Спасителе,
Гробот сега Те сокрива,
Како луната сонце што помрачува:
Озари не` нас Ти, вечна Светлино!

32. стих: Боже, одев по патот на Твоите заповеди, кога Ти беше во срцето мое.

Христе Животе,
Откако смрт вкуси Ти,
Нас смртните од смртта нѐ ослободи,
Сега на сите живот ни даруваш.

33. стих: Господи, патот на неправдата да биде далеку од мене и со Твојот закон помилуј ме.

Житно зрно си,
Фрлено во земјата;
Многу зрнест клас искласи, Спасителе,
Ги обнови децата Адамови.

34. стих: Боже, вразуми ме и ќе го изучувам законот Твој; ќе го чувам со сето мое срце.

Иисусе Спасе,
Небесните ангели
Трепереа мртов кога Те видоа,
Со крилјата лицата ги криеја.

35. стих: Господи, води ме по патеката на Твоите заповеди, неа ја засакав.

Јосиф Те симна
Со почит од дрвото;
Како мртовец во гробот Те положи;
Воскресни, Боже мој, Спасителе!

36. стих: Господи, приклони го срцето мое кон Твоите откровенија и од лакомство избави ме.

О, Спасителе,
Ти си радост ангелска,
Денес си причина на тага,
Оти те гледаат мртов и без дишење.

37. стих: Боже, сврти ги очите мои од суетата на светот; да одам по патот на животот.

На крст издигнат,
Луѓето ги воздигна,
А под земја Тебе Те ставија,
Ти ги воскресна и сите умрени.

38. стих: Словото Твое, Господи, да ме научи на страв пред Тебе.

О, Спасителе,
Лежиш како мртов лав,
Како младо, силно лавче воскреснуваш;
Ја отфрлаш староста на телото.

39. стих: Господи, ослободи ме од смртниот живот, што сметав дека е прав; благи се Твоите пресуди.

Ти, Створителе
Ребро зе(де) од Адама,
И од реброто Ева си ја створил;
За нас живот е реброто прободено.

40. стих: Ги засакав, Боже, Твоите повелби; со Твојата правда крепи ме.

Јагне невино,
Ти си јавно заклано,
Како некогаш тајно јагне пасхално;
Сега сите суштества ги очистуваш.

41. стих: Господи, да дојдат на мене според Твоите зборови, Твојата милост и Твоето спасение.

Кој ќе искаже,
Ова што се случува,
И умира денес Тој за сите нас;
Како човек страда Владетелот на се`.

42. стих: Ќе им одговорам на оние што се подбиваат со моите зборови, оти Господи, се надевам на Твоите откровенија.

Мртов го гледаме,
Изворот на животот,
Ангелите исплашени извикаа:
Боже наш, зошто в гроб си заклучен?

43. стих: Господи, не одземај ги до крај од мојата уста зборовите на вистината; на Твојата милост се надевам.

Благи Спасителе,
Со копје си прободен,
Од реброто Твое нов живот потече
За спасение на нас грешниците.

44. стих: Боже, законот Твој ќе го пазам и ќе го запазам за секогаш.

Распнат си на крстот,
Ги собра народите;
Иисусе благи, в ребра си прободен
Со прошка и милост сите не поиш.

45. стих: Господи, одев слободно затоа што ги барав Твоите заповеди.

Добриот Јосиф
Страшно дело твори;
Тебе како мртов в гроб Те затвори
И исплашен од тоа тој трепери.

46. стих: Боже, пред цареви зборував за Твоите откровенија и не се срамував.

Силни Иисусе,
Доброволно слегна в гроб,
Мртвите на небо Ти да ги издигнеш,
Од каде излагани тие паднале.

47. стих: Се поучував од Твоите заповеди, Господи, многу ги засакав.

Иисусе слатки,
Мртов си за светот;
Ти си жив, како Бог живот им даруваш
На умрените, од небо пaднати.

48. стих: Боже, ги подигнав моите раце кон Твоите повелби што ги засакав

Навидум мртов,
Сепак, Спасе, Ти си жив,
Како Бог ги оживе умртвените,
Убивајќи им го умртвителот.

49. стих: Се вдлабочив и размислував, Боже за Твоите уредби.

О, чудна радост!
Неизмерна ли сладост!
Со нив ги исполни бездните на адот,
Светлината Твоја кога засија.

50. стих: Господи, спомни му ги зборовите Твои на слугата Твој, со кои мене надеж ми даде.

Човекољупче,
Поклон пред Твоите маки!
Ти ги славам и погребот и силата;
Од гревовни страсти се ослободив.

51. стих: Боже, подари ми утеха во моето смирение, зашто словото Твое живот ми дава.

О, Христе Боже,
Мечот беше подигнат,
Но се затапи оној на противникот;
Мечот едемски сега е пронајден.

52. стих: Господи, горделивите го погазија законот Твој, а јас не се оддалечувам од него.

Божјата Мајка,
гледајќи го Јагнето
на клање под нож, Таа горко ридаше,
поттикнувајќи го стадото да тажи.

53. стих: Господи, си спомнав за Твојата промисла и се утешив.

Христе Спасителе,
Макар што си погребен,
Ти појде во адот, него го обнажи,
мртвите ги дигна, гробовите – испразни.

54. Стих: Боже, жалам за грешниците што го оставија законот Твој.

Наш Спасителе,
Погребан драговолно,
Умртвените од века ги оживи,
Ги издигна до славата Очева.

55. стих: Господи, пееја песни за Твојата правда на местото каде што пристигнав.

Земјата трепери,
Во ужас е сонцето;
Божиот Син, за нас в тело е облечен,
За нас Тој сега смрт срамна поднесува.

56. стих: Господи, во ноќта си спомнав за името Твое и го запазив законот Твоја.

О, горчлив изворе,
О, потомство Јудино!
Во црна, длабока јама го фрливте
Оној што со мана вас ве хранеше!

57. стих: Боже, ја барав Твојата правда и Ти ми ја даде.

Вечниот Судија,
На суд пред Пилата стои,
Со неправедна смрт овој го осуди;
Тој го прикова на крстното дрво.

58. стих: Господи, Тебе Ти припаѓам; реков ќе го исполнам Твојот закон.

Горд Израиљу,
Злосторнички народе!
На слобода е убиецот Варава,
А на крст е прикован благиот Христос.

59. стих: Со сето мое срце Ти се молев Тебе, Господи; според Твоите зборови, биди милостив кон мене.

Со раката Твоја
Адама го создаде,
Затоа по природа Ти стана човек,
А по своја волја распнат си Ти.

60. стих: Боже, размислував за Твоите патишта и го оставив злото.

Слово на Отца,
Ти послушен Божји Син,
Слегна дури до пеколот страшен и мрачен
И го воскресна човечкиот род.

61. стих: Господи, се приготвив и не се збунив кога требаше да ги исполнам Твоите заповеди.

Светлино на светот,
О, светлино сакана!
Дева горко ридаше и му велеше:
Иисусе благи, Сине мој преслатки!

62. стих: Јажињата на грешниците ме врзаа, но Твојот закон, Господи, не го заборавив.

Луѓе зависливи,
Горди и убијци,
Срамете се од платното и убрусот
Сега од гроб кога Христос воскресна.

63. стих: Боже, на полноќ станав за да се исповедам пред судот на Твојата правда.

Предавник безумен,
Ти подли ученику,
Кажи ни причина за твојата злоба;
Како го предаде Христа за пари?

64. стих: Господи, содружник сум на оние кои се бојат од Тебе и живеат според Твоите заповеди.

Неверен Јудо,
Залудно се преправаш
Дека си пријател на сиромасите,
А Христа мил за сребро го продаде.

65. стих: Господи, со Твојата милост е исполнета земјата; поучи ме на Твојата волја.

Проклет Сотоно,
Како Христа го цениш?
Што доби тука за цената Христова?
Безумство и пропаст сам си најде.

66. стих: Боже, по зборот Твој, Ти благо постапи со слугата Твој.

Лажен добротворе,
Што жалиш за мирото,
Како го продаде Мирото небесно
За злато – Го предаде Божиот Син.

67. стих: Боже, Ти ме научи на добрина, расудливост и знаење, оти живеев по Твоите заповеди.

О, Божјо Слово!
О, слатка радост моја!
Утробата моја мајчински крвари
Над гробот Твој тридневен, о Сине мој!

68. стих: Господи, пред да се смирам, згрешив; затоа ги паметам Твоите зборови.

Богоневестата
Над Христа ридаше:
Кој ќе ми даде мене извори солзни
Достојно да го исплачам мојот Син?

69. стих: Благ си, Господи, со благоста Твоја поучи ме праведно да живеам.

Полиња, планини!
И безбројни народи!
Сите заридајте, со мене плачете,
Мајката на Бога, вашиот Господ.

70. стих: Се наголеми неправдата на горделивите против мене; со сето мое срце ги преиспитувам, Господи, Твоите заповеди.

Мој Спасителе,
Дева горко ридаше:
Кога ќе Те видам, о вечна Светлино!
Ти си радост и среќа на срцето.

71. стих: Боже, нивното срце се исплаши, а јас, под Твојата закрила сум силен.

Наш Спасителе,
Ти си камен аголен.
Од реброто Твое жив извор потече
И не` напои со живот бесмртен.

72. стих: Господи, блазе ми мене што си ме смирил; лесно ќе се научам на Твојата вистина.

Од реброто Твое
Тој извор полноводен,
Двојна река тече на сладоносни води,
Од неа пиеме живот бесмртен.

73. стих: Боже, сладок ми е законот на Твојата уста; го сакам повеќе од многу сребро и злато.

О, Господе наш!
Човечка смрт Ти прими,
Но воскресна од гроб, како што прорече.
Од смрт го издигаш родот човечки.

74. Слава на Отца и Сина и Светиот Дух:

Слове, Те славиме;
Ти си Створител на се`.
Со Отца и Духот Свет Те прославуваме.
Го величаме погребението Ти.

75. И сега и секогаш и вечни векови. Амин.

Пречиста Дево,
Ти си Мајка блажена
На Христа Спасителот и нашиот Бог
Го почитуваме Неговиот свет гроб.

И пак се пее првиот напев:

Живот си, Христе,
Но в гроб Те ставија;
Ангелските воинства се исплашија
Славејќи го Твоето смирение.

Потоа мала ектенија и овој возглас:

Зашто се благослови Твоето име и се прослави Твоето царство на Отца и Сина и Светиот Дух сега и секогаш и во вечни векови.

Напишете коментар