Свети Ефрем Неамакриски – Великомаченик и чудотворец

Житие

Новомаченикот Ефрем е роден во Грција на 14. септември 1384 година. Татко му се упокоил уште дури свети Ефрем бил мал, а богоугодната му мајка останала да се грижи за своите седум деца.

Кога свети Ефрем наполнил 14 години седобриот Бог го упатил во манастирот на гората Амоман, во близина на Неа Макри на полуостровот Атика. Манастирот во кој живеел бил посветен на светото Благовештение Богородично и на света Параскева. Овде го понесол Крстот Христов, крст кој сите Негови следбеници мораат да го понесат. Запален со љубовта кон Бога, Свети Ефрем целосно се предал на монашката дисциплина. Скоро 27 години во сѐ ги поддржувал светите отци и пустински подвижници. Со божествена ревност, го следел Христа и ги отфрлил сите замки на светот. По милоста Божја, се очистил себе си од сите душоуништувачки страсти и постанал престојувалиште на Светиот Дух. Достојно го носел свештеничкиот чин и служел во олтарот со огромна почит и длабоко покајание.

На 14. септември 1425 година, нечестивите Турци, започнале поморска инвазија за да го уништат овој свет манастир и за да ја опљачкаат околината. Свети Ефрем бил една од жртвите на овој напад. Многу од монасите биле мачени и обезглавени, но свети Ефрем останал сталожен. Тоа ги разгневило Турците, така да тие го затвориле и почнале да го измачуваат сѐ со цел да се откаже од Христа.

Го затвориле во една мала ќелија без храна и вода, и го измачувале секој ден, со надеж дека ќе го натераат да ја исповеда муслиманската ерес. Со месеци преживувал ужасни мачења. Кога Турците увиделе дека светецот останува со вера во Христа, одлучиле да го убијат. На 5. мај 1426, го извеле од неговата ќелија и го обесиле со нозете угоре на една боболка, го тепале и му се подбивале. Го прашувале: „Каде е твојот Бог? Зошто не ти помага?“ Светецот не омалаксувал, но се молел: „О, Господи, не слушај ги зборовите на овие луѓе, но нека биде волјата Твоја, онака како што Ти си заповедал“.

Варварите му ја искубале брадата и го малтретирале се додека не му ослабеле силите. Неговата крв истекла, а неговите алишта биле испарталени. Со ова Агарјаните не биле задоволни, сакале да го малтретираат уште повеќе. Еден од нив зел запален стап и му го зарил во папокот. Светецот почнал ужасно да вриска од ужасната болка што ја почуствувал. Крвта течела од неговиот стомак, но Турците не престанале. Го повториле ова ужасно мачење многу пати. Телото и екстремитетите му се наоѓале во грч од огромната болка. Светецот бил слаб да зборува, така да тивко се молел на Бога да му ги прости гревовите. Крв и плунка течеле од неговата уста, а земјата била натопена со неговата крв. Потоа паднал во несвест.

Мислејќи дека веќе умрел, Турците ги пресекле ортомите со кои бил врзан за дрвото, и телото на светецот паднало на земјата. Бесот на нечастивите не им бил стивнат, па тие продолжиле да го клоцаат и да го тепаат. По малку време, ги отворил очите и се помолил: „Господи, Тебе Ти го предавам духот мој“. Околу 9 часот, тоа утро, праведната душа на овој светец се раздвоила од неговото намачено тело.

Ова мачеништво останало заборавено околу 500 години, скриено во длабочините на тишината и заборавот се до 3. јануари 1950 година.

Откривање на светите мошти

На 3. јануари 1950, преподобната Макарија (+ 23. април 1999) се шетала низ руините на возобновениот манастир на планината Амомос, размислувајќи за мачениците чии коски расфрлени по земјата, и чија крв го навадила дрвото на Православието. Таа сватила дека се наоѓа на свето место, и го молела Бога да и дозволи да запознае барем еден од отците кои живееле тука. Повикала еден млад работник кој работел во манастирот и го натерала да копа во остатоците на една стара ќелија. Младичот почнал грубо да копа, но монахињата го натерала да копа полека и внимателно за да не ги уништи моштите кои очекувала да ги пронајдат. Работникот почнал да и се потсмева. Кога достигнал длабочина од околу 2 метри, ископал глава од Божји човек. Во тој момент воздухот се испонил со благоухана миризба. Работникот побледел и онемел. Монахињата му наредила да замине и да ги остави сами. Потоа паднала на колена и побожно ги целивала моштите. При расчистување на земјата пронашла ракав од расото на светецот. Материјалот бил тенок и изгледал, дека е ткаен на разбој од некое дамнешно време. Таа го открила и остатокот од телото и започнала да ги вади коските, кои изгледале како да биле од маченик.

Мати Макарија останала на тоа свето место и откако паднала ноќта, и тука ја прочитала вечрната служба. Неочекувано, слушнала чекори од гробот, преку дворот кон црковната врата. Чекорењето личело на машко чекорење. На монахињата ѝ било страв да се заврти, но тогаш слушнала глас: „Колку долго, ќе ме оставиш овде?“

Кога се завртила видела висок монах со мали округли очи, чија брада достигнувала до неговите гради. Во својата лева рака носел светилка, а со десната благословувал. Мати Макарија се исполнила со радост и нејзиниот страв исчезнал. „Прости ми, ќе се погрижам за тебе утре, толку побрзо колку што Господ ќе направи да се јави зората“. Светецот исчезнал, а монахињата продолжила да ја чита вечерната.

Утрото по средбата, мајка Макарија ги исчистила коските и ги внела во олтарот на црквата и запалила кандило пред нив. Ноќта свети Ефрем ѝ се јавил на сон и ѝ се заблагодарил за грижата за неговите мошти, потоа рекол: „Моето име е Ефрем“. Од неговите усни, ја слушнала историјата за неговиот живот и мачеништво.

Откако свети Ефрем го прославил Бог во својот живот и со неговата смрт, Господ му се смилувал и го удостоил да чини чудеса. Оние кои го почитуваат светецот со вера и љубов бидуваат исцелени од најразлични болести и немоќи, и е брз да одговори на молитвите на оние кои викаат кон него.

Тропар, глас 1
На горе Непорочных яко солнце возсиял еси,/ и мученически, богоносне, к Богу изшел еси,/ варварское нашествие претерпел еси,/ Ефреме великомучениче Христов,/ сим присно источаеши благодать всем благочестно вопиющим ти./ Слава давшему ти крепость,/ слава прславльшему тя,// слава подающему тобою всем исцеления!

Кондак, глас 3
На горе Непорочных подвизался еси, богомудре,/ и на сей прошел еси мученичества путь,/ сего ради сугубым венцем Живодавец достойно тя венчал есть,/ священномучениче Ефреме,// прилежно просяща помиловати славословящих тя.

Свјати отче Јефреме, моли Бога о нас!

Споменот на светиот Ефрем Православната Црква го празнува на 3(16). јануари денот кога се пронајдени неговите свети мошти и на 5(18). мај, денот на неговата маченичка кончина.

This slideshow requires JavaScript.

Напишете коментар