
ЗА ВЕРАТА
Христијанската вера не` учи што направил Бог за човечкото спасение, а што човекот треба да направи за да добие спасение.
Бог на луѓето им се објавува Себе си преку Своите дела –преку видливиот свет, а особено преку човечкиот разум, совеста и срцето. Тоа природно Божјо откровение ни овозможува да знаеме за Бога и Неговиот закон.
За да можеме правилно да веруваме и достојно да Го почитуваме Бога, на луѓето им е објавено Божјото слово. Тоа е објавено преку Божјите избраници, пророците, а особено преку Синот Божји, Господ Иисус Христос, и преку Неговите ученици, апостолите.
Пророците и апостолите, по упатство и вдахновение на Светиот Дух, напишале низа свештени книги, кои во себе го содржат Божјото натприродно откровение – објавување на луѓето. Тоа е запишаниот збор – Библијата или Свето писмо.
Светото писмо е поделено а Стар и Нов Завет. Книгите на Стариот завет ги напишале пророците, и тие го содржат Божјото објавување на луѓето до Христовото доаѓање на земјата. Книгите на Новиот завет ги напишале Христовите ученици, апостолите, а тие го содржат Божјото слово, кое ни го објави Господ Иисус Христос.
Освен запишаното Божјо слово постои учење на верата (Божјо откровение), кое не е запишано во Светото писмо, туку е усно предадено од светите апостоли. Тоа усно предание е во потполна согласност со Светото писмо и за него се знае од времето на првите христијани (II Сл. 2, 15 и II Тим. 2,2). Најглавните вистини на Светото предание се наоѓаат во Правилата на апостолите, Вселенските и помесните собори на Црквата, во Правилата на светите оци и во црковните богослужбени книги.
СВЕТОТО ПИСМО е книга која мораш да ја имаш и секојдневно да ја читаш, бидејќи тоа е Божјо слово и основа на верата! „Кој и да го повика името Господово, ќе се спаси“, но да би го повикал мора да се верува, да би верувал мора да се чуе. Затоа слушни го словото на Вистината, Евангелието на твоето спасение!
Прво читај го Новиот завет и Псалмите, молејќи го Бога да ти го оспособи умот да разбереш. Немој да се колебаш ако ведна не сватиш се`, бидејќи секогаш кога повторно ќе ја читаш таа Книга, одново во неа ќе наоѓаш некоја нова вистина и ќе ти биде се` појасно. Управувај го својот живот според науката на Светото писмо, па тогаш Словото Христово секогаш ќе ти донесе радост и мир!
МОЛИТВАТА е побожно управување на човечкиот ум и срце кон Бога, обраќање кон Господа со вера и надеж во Него. Молитвите некогаш остануваат неуслишени, бидејќи „вашите гревови го затскрија лицето Божјо во вас, да не слуша“ – вели пророк Исаија (Ис. 59,2)
Христијанската молитва содржи:
- Прославување на Бога поради Неговата вечна и недостапна слава;
- Благодарност на Бога, за Неговите добрини и за секој дар кој од Него го имаме;
- Молење за благодат и помош Негова, за опростување на гревовите, избавување од зло.
Треба да се моли со:
- Цврста вера во Господа и непоколеблива надеж во Неговото милосрдие;
- Истрајност, не престанувајќи со молитвите ни тогаш кога ни изгледа дека Господ не не` услишил.
Принесувајќи молитви кон Господа ние се обраќаме и на Неговите светии како наши застапници пред Бога. Притоа, ангелите и светителите ги почитуваме не како Бога, туку како Божји угодници и битија кои се близу до Бога, па во молитвите им се обраќаме да се завземат за нас пред Бога. Слава и чест Му оддаваме единствено на Бога, а светиите ги повикуваме не како такви кои би можеле да ни помогнат со сопствените сили, туку како прославени пред Бога, кои би ни измолиле од Бога помош и Негова милост. Обично им се обраќаме со зборовите:
„Молете се за нас грешните!“
Во молитвите посебно и најнапред ја повикуваме Пресвета Богородица, нашата најголема застапница пред Божјиот престол.
Исто така, почитувајќи ги иконите на кои се претставени ликовите на светиите, ние не се поклонуваме на иконите како на материја, туку на Господа непосредно или преку Пресвета Богородица или светиите, кои се на иконите насликани.
МОЛИТВИ ЗА СЕКОЈ ДЕН
МОЛИТВА КОН ПРЕСВЕТА ТРОИЦА
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Царе небески, Утешителе, Духу на вистината, Кој си насекаде и се` исполнуваш. Ризницо на добрините, Животодавче, дојди и всели се во нас. Очисти не` од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души.
Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј не`. (3 пати)
Слава на Оца, и Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.
Пресвета Троице, помилуј не`. Господи, очисти ни ги гревовите. Владико, прости ни ги беззаконијата. Свети, посети не` и исцели ги нашите слабости, заради Твоето име.
Господи помилуј (3 пати)
Слава на Оца, и Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.
Најважната христијанска молитва е Господната молитва „Оче наш“ која им ја дал Господ Иисус Христос на Своите ученици, учејќи ги како да се молат на Бога:
Оче наш,
Кој си на небесата,
да се свети Твоето име,
да дојде царството Твое,
да биде волјата Твоја,
како на небесата, така и на земјата.
Лебот наш потребен дај ни го денес,
и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници,
и не не` воведувај во искушение,
но избави не` од лукавиот.
МОЛИТВА КОН НАШИОТ ГОСПОД ИИСУС ХРИСТОС
Семоќен Господи Иисусе Христе, голема е Твојата милосрдност, не оддалечувај се никогаш од мене, Твојот слуга, туку секогаш почивај во мене. Иисусе, добар пастиру на Своите овце, не ме предавај на ѓаволскиот бунт, нити на волјата на сатаната не оставај ме, зашто во мене е семето на гниењето, туку запази ме во сонот. Господи Боже и Царе Свети, Иисусе Христе, Те прославувам поради Твојата светлина што никогаш не потемнува. Преку Твојот Свет Дух, со Кој ги освети Своите ученици, Господи, и за мене недостојниот слуга Твој надкрили Го врз мојата постела Твоето спасение; просвети го мојот ум со светлината на разумот на Светото Евангелие Твое.
МОЛИТВА КОН АНГЕЛОТ ЧУВАР
Ангеле Христов, свет мој чувару, покровител на душата и телото мое, прости ми се` што до денешниот ден и денес сум згрешил, и избави ме од секое сло на лукавиот непријател, со никакоов грев да не Го разгневам мојот Бог. Моли се за мене грешниот и недостоен слуга Твој и направи ме достоен за благоста и милоста на Пресветата Троица и Мајката на мојот Господ Иисус Христос и на сите светии. Амин.
ПОФАЛНА ПЕСНА НА СВЕТА БОГОРОДИЦА
Богородице Дево, радуј се благодатна Марие, Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба, зашто си Го родила Спасителот на нашите души.
СИМБОЛ НА ВЕРАТА
Верува во Едниот Бог, Отец Седржител, Творец на небесата и на земјата, и на се` видливо и невидливо.
И во едниот Господ Иисус Христос, Синот Божји, единороден, Које е роден од Оца пред сите векови; Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински, роден, нестворен, едносуштен на Оца, преку Кого се` станало; заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небеста и се овоплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек; и беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат и пострада и беше погребен; и воскресна во третиот ден, според Писмото; и се вознесе на небесата и седи оддесна на Оца, и пак ќе дојде во слава да им суди на живите и мртвите и царството Негово не ќе има крај.
И во Светиот Дух, Господ, Животворец, Кој излегува од Оца, на Кого со Оца и Сина Му се поклонуваме и Го славиме, и Кој говорел преку пророците.
Во Едната, света, соборна и апостолска Црква исповедувам едно крштение за опростување на гревовите. Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век.
Амин.
СОНОТ НА ПРЕСВЕТАТА ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА ШТО ГО СОНИ ВО ГРАДОТ ВИТЛЕЕМ
Пресвета Богородица сонуваше една ноќ во јудејскиот град Витлеем страшен сон. Кога се разбуди сета трепереше и се расплака.
Господ Иисус Христос и` пристапи, па Таа вака Му велеше:
- Мили мој Сине. Ноќва сонував страшен сон и сеуште треперам од страв и не можам да си дојдам на себе. Плачев и тажев. Кога се разбудив се помолив на Господа Бога, Создателот на небесата и земјата, да ме утеши, затоа што срцето уште ми е вознемирено. Целата треперам и се тресам од страв.
Ми се сони како Ти стоиш во мноштво народ и држиш еден лист испишан со Божјите заповеди од Стариот завет, а над нив две заповеди крупно напишани:
„Возљуби Го Господа твојот Бог
со сето свое срце,
со сета своја душа
со сета своја сила и
со сиот свој разум“, и
„Возљуби го својот ближен како себе си“.
Одеднаш некои вооружени луѓе Те фатија, а оној народ се разбега. Пото Те изведоа пред суд… Главата и телот Ти беа облеани со крв.
Христос Спасителот на тоа и` рече:
- Пресвета и преблагословена Мајко Моја, ќе се оствари тоа што си го сонила, – Мене ќе Ми се случи сето тоа.
Ако некој го прибележи тој Твој Сон, па го носи секогаш со себе или го држи во куќата своја и ги научи оние заповеди што си ги видела на оној лист и почне да живее според нив и почне да Го сака Бог – Творецот на се` што постои, и ги возљуби ближните свои, па прави секакво добро дело – ќе биде спасен.
Нечистиот дух нема да му се вселува во душата, и доколку во смртниот час ги извршува сите заповеди, носејќи го чесниот крст со себе, ќе наредам, ангелите душата да му ја примат и да му ја населат во Царството Небеско“.
СОНОТ НА ПРЕСВЕТАТА, СЛАВНАТА И ПРЕБЛАЖЕНАТА БОГОМАЈКА ШТО ГО СОНИ НА ЕЛЕОНСКАТА ГОРА
Кога беше света Богородица на Елеонската Гора, додека спиеше, и` се доближи Господ наш Иисус Христос и тивко и` рече:
„Спиеш ли, мила Мајко Моја, или си будна?“
Таа се сепна, силно вознемирена, па Му реча на Иисуса: „Премили Сине мој! Еве, само што сум задремала, сонив страшен сон: Како, мило мое Дете, Тебе Те распнаа во јудејскиот град Ерусалим помеѓу двајца разбојници, за вре,е на Понтиј Пилат. Лицето и телото Ти беа во рани и со крв облеани, а на главата Ти ставија венец од трње. – Гледам, а Тебе жолчка Ти даваат да пиеш; со копје Ти ги прободија ребрата, а од раните потече крв и вод. Малку потоа сонцето се помрачи, земјата почна да се тресе, камењата се распаѓаа, завесата во храмот се расепи од горе до долу. На земјата настана темнина од шестиот до деветтиот час…
Тогаш дојдоа Јосиф од Ариматеја и Никодим, Твоите тајни ученици, Те симнаа од крстот, Те обвија со чиста плаштаница и в гроб Те положија. Три дена лежеше во гробот, а кога осамна третиот ден Ти стана од мртвите, слезе во адот и, разурнувајќи ја пеколната врата ги изведе од таму Адама и Ева. Потоа надгробната плоча се подигна и Ти – Воскресна. И се разгласи по целиот свет Твоето воскресение. По Твоето воскресение ситенароди доаѓаа кај Тебе, за да Ти се поклонат и да Те слават. А, Ти седиш на царски престол и сите ги даруваш со некој необичен леб и вино. Тој леб го држиш во рацете како Свое Тело и, кршејќи го, Го раздаваш на светот. Од Твоето тело тече крв во чаша и сите ги напојува, и штом некој се причести со Твојата Крв и Твоето Тело, лицето му се преобразува и станува светло како ангел, кој во златни облеки доаѓа и го одведува во царството небеско. А, Ти си се вознел на небесата и седиш од десната страна на Бога Оца“.
На тоа Христос и` рече:
„Пресвета Мајко Моја! Се` што си сонила ќе се изврши соМене. Навистина, навистина Ти велам:
- Кој ќе поверува дека Јас сум Спасителот на светот и на сите народи; дека Телото Мое е храна, а Крвта Моја вистински напиток; ако верува дека без тие две не може да добие спасение, тој навистина ќе биде спасен!
Значи, ако верува дека при причестувањето со светиот Леб и светото Вино го прима Моето Тело и Мојата Крв, па ако се очисти себе си од секаква нечистотија на телото и духо, навистина ќе наследи царство небеско. Лицето ќе му биде светло, а облеката сјајна како на ангел во вечното царство. На земјата несреќа никогаш не ќе има место во домот негов, а душата ќе му живее во мир. Ангелот чувар ќе го чува од ненадејна смрт, од зли луѓе и од разбојници. Кога оди на суд, ако мисли на Бога и се моли Бог да го спаси, ако е неправедно осуден ќе биде спасен. Ако, пак, е виновен па се покае ќе биде помилуванм а неговиот престап е простен.
И секој, кој наутро и навечер скромно, искрено и топло го замоли Бога Отецот за простување на гревовите, верувајќи дека Крвта Моја го мие човекот од гревот – навистина ќе биде мирен навек и сочуван од секоја беда и неволја.
Амин.
ЖИТИЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
Свети Климент е ученик на светите браќа Кирил и Методија. По смртта на свети Методиј, свети Климент под притисок на германското духовништво тргнува од Моравија кон југ. Заедно со свети Наум и Ангелариј. (Свети Климент, Наум, Горзад, Сава и Ангелариј се наречени свети Петочисленици.) Ја минуваат реката Дунав. По кратко престојување во Преслав, свети Климент доаѓа во Македонија, во Охрид. Тука со свети Наум развива голема архипастирска и просветителска дејност.
Во Охрид тој ја основа првата словенска книжевна школа во која бројот на ученици достигнува до 3.500 ученици, кои ги подготвува и оспособува за просветителска и преведувачка дејност.
Свети Климент изградил црква свети Пантелејмон. Во неговата дејност најмногу му помагал свети Наум.
По седум години духовна, култутрна и просветна дејност свети Климент е посветен за епископ. Тој е прв епископ Словен меѓу византиските епископи. Основоположник е на Охридската Архиепископија, денес Макеоднска Православна Црква.
Свети Климент и за време на својот живот правел чуда, како што неговите свети мошти и денес пројавуваат исцелителна моќ, поради што е почитуван како Чудотворец.
Свети Климент се упокоил во Господа во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Света Богородица, кој покасно бил наречен Свети Климент Охридски. Сега се во црквата „Свети Никола“ – Геракомија во Охрид, каде верниците од сите страни доаѓаат на поклонение.
(забелешка: Денес светите мошти на свети Климент се чуваат во црквата „Свети Пантелејмон и Климент“ – Плаошник во Охрид.)
МОЛИТВИ КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (во тага)
Кон кого да повикам, Богородице во својата мака, ако не кон Тебе, Царице Небеска? Кој ќе го чуе мојот плач, кој ќе ги прими моите воздишки, ако не Ти, Пречиста, надеж на христијаните и засолниште на нас грешните? Кој ќе ме заштити повеќе од Тебе во моите неволји? Услиши го плачењето мое и приклони го Твоето уво, Владичице, Мајко на мојот Бог. Не презирај ги оние кои од Тебе бараат помош и не отфрлај ме мене грениот, туку вразуми ме и научи ме, Царице небеска. Немој да отстапиш од мене, Твојот слуга, Владичице, за моето молење биди мајјка и застапница. Еве, се предавам себе си на милостивата Твоја заштита. Плачам за своите гревови. О, кога би сакал да се погрижиш за мене и да ме приведеш, мене грешниот, кон тивок и безметежен живот! Кон кого ќе прибегнам, ако не кон Тебе, надеж и прибежиште на грешниците, кои се надеваат на неискажливото милосрдие и добрината Твоја?
Што да речам јас недостојниот за пофалба на Твоето величие и слава? О, Владичице, Царице небеска, Ти си Мајка моја и надеж моја. Ти си утеха и засолниште, покров, заштита и помош моја! Преблага Царице и брза застапнице, покриј ги со своето завземање моите престапи; заштити ме од видливите и невидливи непријатели и смекни го срцето на злите луѓе кои стануваат против мене. О, Богородице, помогни ми менебеспомошниот, кој поради телесните страсти со срцето боледувам. Само Твоето застапништво го имам пред Твојот Син и Господ Бог мој. Со Твоето големо застапништво, со Твоите сесилни молитви, дај, Пречиста, Непорочна и Преславна Марие, Мајко Божја, да бидам оправдан и избавен од секаква беда и напаст.
Радувај се Благодатна, радувај се зарадувана, радуј се Преблагословена, Господ е со Тебе!
* * *
Бранови страсти ме збркуваат, голема тага и тегоба ја исполнува мојата душа. О, Пресвета, смири ја мојата душа со мирот на Твојот Син и душевната збркотија и тага одгони ја со Неговата благодат. Бурата на моите гревови, кои како огнен црв ме печат, смири ја и нивниот пламен изгасни го. Исполни го, Пречиста со радост моето срце и изгони ја маглата на моите прегрешенија пред мене, зашто тие ме збркуваат. Просвети ме со светлоста на Твојот Син. Изнеможе мојата душа, се` ми е тешко, па и молитвата. Еве студен сум како карпа, усните шепотат молитва, но срцето е неподвижно, тегоба го покрило. Одмрзни го мразот во мојата душа и загреј го моето срце со љубовта Твоја.
Не надевајќи се на човечка заштита, Ти припаѓам Тебе, Пресвета Богородице, не отфрлај ме, туку прими ја молитвата на Твојот слуга. Ме опфати тага, не можам повеќе да ги трпам демонските напади. Немам заштита нити имам каде да се засолнам, и секогаш бивам во таа борба победен, а утеха никаде немамосвен во Тебе, Владичице на светот. О, надеж и заштито на сите кои веруваат, не отфрлај ја мојата молитва. Амин.
* * *
Пресвета Мајко Христова, Пречиста, Преблагословена Богородице, еве, сатаната удри на мене како морски бранови на лаѓа: дење ме прогонува, ноќе ме мачи. Немам мир – се колеба мојата душа, трепери мојот дух. Поитај, Пресвета, и помогни ми. Измоли Го милиот Господ да ме помилува и да ми ги прости гревовите. О, Пресвета Мајко Иисусова, Твоето милосрдие е големо и тоа е најголем противник на пеколните сили. И најтешкиот грешник кога ќе падне во пеколно грло, туркан од нечистива сила, кога ќе спишти кон Тебе, кадра си да го избавиш; избави ме и мене. Еве, сатаната сака да ме сопре и да ја уништи мојата вера, но јас во Господа се надевам.
Нека Ти е слава, посветла и од серафимите, до век, амин.
МОЛИТВА КОН СВЕТИ СИСОЕ ВЕЛИКИ
Ти се поклонувам, свети и преблажени Сисое. Ја славам и величам твојата голема сила, што ја доби со Божји благослов, да можеш да ловиш нечисти и зли духови. Го славам твоето име свето – ти ја задоби милоста Божја. Постејќи и на Бога млоејќи се, си го примил дарот на Светиот Дух, да можеш да лечиш болни и мртви да воздигнуваш. Ти се поклонувам како на Божји праведник и најискрено те молам: во борбата на овој свет сочувај ме од немила случка и секакво смртоносно оружје. Ти си велик и силен, од Бога си благословен, те молам земи ме во закрилата своја и моли се за мане на Господа, да ми подари снага и сила за да им одолеам на непријателите во името на Оца, и Сина и Светиот Дух. Амин.
На Отецот се надевам, кон Синот прибегнувам, Светиот Дух ќе ме закрили – Света Троице – слава Ти.
ТРОПАРИ
На чесниот крст
Глас 1: Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство; дарувај му на нашиот православен народ победа над непријателите, и со крстот Твој заштити го Твоето жителство.
Свети Кирил и Методиј
Глас 4: Богомудри Кириле и Методие, еднакви по дух со апостолите и учители на словенските земји, Владиката на сите молете Го, словенските народи да ги утврди во Православието и едномислието, да го смири светот и да ги спаси нашите души.
Свети Климент
Глас 4: Со зборови си ги упатил народите во верата Божја, со делата си се издигнал, преблажени, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон тебе. Со знаменија си ја осветлил темнината. Заради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте.
Свети Наум Охридски
Глас 4: Соединувајќи се со Христа си го оставил светот, живеејќи по дух, телото си го распнал, преблажен Науме. Си се стремел како апостолите да се подвижуваш, и безбројно мизијско мноштво во верата си вовел. Така и нас со твоите молитви избави не` од искушенијата.
Света Петка
Глас 4: Го засака пустинскиот и тивок живот и ревносно тргна по Христа, твојот Жених; Неговиот благ јарем во својата младост примајќи Го, со крстниот знак храбро се вооружи против духовниот непријател. Со испоснички подвизи, постот и молитвите, си го изгаснала жарот на страстите, многуславна Параскево. И сега во небеските дворови со мудрите девојки стоејќи пред Христа, моли се за нас, кои го почитуваме твојот чесен спомен.
Свети Седмочисленици
Глас 1: Со пофални венци да ги овенчаме славните Седмочисленици, кои како светила блеснаа и Триединиот Бог ни Го благовестија; Кирила со Методија, Климента, Наума со Сава и Горазда со Ангеларија. Цврсти столбови на Црквата и боговдахновени заштитници на нашиот збор; прогонувајќи го бесовското незнабожечко учење, на Христа Бога молете се, да ја утврди нашата Црква и да им дарува на нашите души мир и голема милост.
Свети вмч. Георгиј Победоносец
Глас 4: Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносче, великомачениче Георгие, Христа Бога моли Го, да ги спаси нашите души.
05.07.2010 во 22:19 ч. |
Ова четиво иако се смета за апокрифно е осбено значајно за сите оние кои се почетници во Православната вера. Претставува еден вид на буквар по Православие. Во оваа книшка е сместено Евангелието во мало и се` она што е потребно за спасението на еден човек.
Затоа топло препорачувам, пред да почнат да се читаат книги на некои старци испосници и осаменици, со чиј начин на живот немаме никаква допирна точка, да се прочита оваа мала душекористна книшка.
Посветено на исихастите и белите монаси.