Парохија vs манастир

Црквата во 21. век, но и повеќе векови наназад може да се замисли и како птица која лета кон  Царство Небесно. Ако на овој начин ја замислиме Цркавата тогаш крилјата на оваа птица би ѝ биле соборот на мирјаните и соборот на монасите, односно парохијата и манастирот. Доколку едното крило не е здраво тогаш се поставува прашањето дали ќе може птицата да го одржи својот лет.

Ова писание го составувам нормално по повод состојбата во нашата помесна Црква. И уште веднаш да кажам дека според мене, кој сум никој и ништо, не е ни малку розова. Не е розова од причини што улогата на крилјата е измешана, но и едното и другото крило имаат големи рани.

Прво да дефинираме што би подразбирале под парохија. Парохијата, исто како и манастирот претставуваат ткиво, составено од повеќе клетки, кои сотворуваат еден орган, а повеќе органи еден организам. Клетка би била секоја жива крстена личност,  орган секоја епархија, а целиот организам, би била целата (една и единствена) Света, Соборна и Апостолска Црква. Во секој случај парохијата е наменета за мирјаните, луѓето кои живеат во светот. Нејзината глава парохискиот свештеник е мирјанин и треба да се грижи за своето од Бога поверено стадо. Секој парохиски свештеник треба да е добар пастир на своето стадо, зашто пред Пастирот на пастирите ќе даде одговор за секоја овца! За секој мирјанин покрај самиот, одговор ќе даде и неговиот парох. Не за џабе и св. Јоан Златоуст во една своја беседа изрекол дека од 1000 попови само 1 ќе се спаси. Што поради народот, што поради пастирите денеска парохијата се наоѓа во мизерна положба. Ниту народот го чувствува парохот за свој, ама ниту парохот го чувствува за свој поверениот му народ. А и како ќе се засакаат едни со други кога парохискиот свештеник многу често ја менува својата парохија? Се случува, посебно по селските парохии, секоја година да се смени попот, па и тој поп што е, служи служба Божија еднаш до двапати во годината, па така да го гледаат само кога ќе им извршува некоја од најтребните треби, но и тогаш ќе нема време да им одржи некоја беседа. Лажна е претставата дека жителите на селата се понабожни од жителите на градовите! Можеби повеќе веруваат, но во што не знаат и самите. Дали се криви тие? Во никој случај! Најчесто за нивното неверие крив е попот што како казна е пратен во селото, но уште повеќе виновен е самиот Епископ што и самиот тој има сватено дека селската парохија е казна, ко да по селата нема луѓе жедни за Словото? Ако го нема попот, ќе намини јеховистот или саботјанот, а во последно време ништо чудно да си дојде и фратарот. Што има да се замара попот кога и онака за некоја година ќе си замине в град.

И градските попови не се трудат нешто посебно. Еднаш во месецот ќе бидат чредни, ако ја имаат таа среќа и се во некоја епархија каде Владиката е мек и баш му е гајле за сѐ, ќе служат само во недела, ќе најдат некоја беседа ќе ја прочитаат и толку. Ако имаат среќа ќе крстат и венчаат некого, ама гробиштата не им бегаат.  Дали и овде ќе се зближат со народот? Што има да се зближуваат. Жалосно е што 90% од мирјаните меѓу нив и поповите, јерејската служба ја сваќаат само како еден вид на сервис. Доколку и се познаваат со своите парохијани кога ќе се видат ќе разговараат за политиката, времето, комшиите, за Бога немаат ниту желба ниту време. Но, дали сите попови се исти? Да бидам искрен кога бев помал мислев дека сите попови се светци, светци како нашиот парох отец Т. Прекрасен човек, а уште попрекрасен свештеник. Човек кој што со сето срце и со целиот ум верува во Бога, на начин бабешки (како што се изразуваат „модерните“ теолози и верници), но со доволно голема вера да воцркови огромен дел од повереното му стадо. Се сеќавам ќе влезеше в куќи и одма почнуваше: Од кога не сте се причестиле? Ти ќе испостиш 5 дена на вода и да се причестиш! Ти 3! Телевизорот пак сте го пуштиле! Фрли го  темјанот сатански! Значи ја имав таа среќа да го спознаам Бога, преку оној, прeку кој и требаше да го спознаам, преку мојот парох. Неговиот заменик, новиот ни парох, можеби греши повеќе, но и се кае повеќе! Па и тој е љубен од нас, но и ние ја чувствуваме неговата љубов, па дури и кога се караме.

На жалост, не сите ја имаат таа среќа да им се погодат парохиските свештеници, поради голем број на причини, но би навеле само неколку. Најголемата причина што богословското образование место евентуален потребен услов за запопување, тоа претставува доволен услов. Па се случува да има попови кои: во историјата на Црквата доверба немаат, а во Божјите ветувања не веруваат; попадиите и децата Храмот Господов не знаат каде е, домот не си го уредиле па Црквата ќе ја уредуваат; место да бидат пример како треба да се живее постануваат пример како не треба. Од друга страна па и нашите богословски институции се за никаде, професорите(барем од факултетот) не знаат нити ред нити поредок, не ги почитуваат чиновите црковни! (Пример: Се случува да професор откако ќе го прочита Апостолот не му целива десница на јерејот, в олтар влегуваат ко в канцеларија, ама не им е срам да канат протестантски антиепископи да држат предавања, можеби нив и метании им прават). Сѐ ова што претходно го споменавме е доволна причина да гладните за Христа мирјани почнат да се обраќаат таму каде што не треба, а тоа во најдобар случај се манастирите. Зошто манастирите не се место за мирјаните ќе прочитате  подолу.

Што е манастирот? Манастирот или обителта е заедницата во која се спасуваат и црквуваат монасите! Значи колку што се разликуваат монасите од мирјаните толку се разликуваат и манастирот и парохијата. Монасите при  монашењето умираат за светот, а мирјаните се живи за светот, голема суштинска разлика!

Според тоа што монасите и мирјаните се разликуваат не гледам потреба дури ниту да се мешаат едни со други, зашто тешко дека би имале некоја си посебна корист, посебно ако и монасите не се сосема утврдени на својот позив и не се целосно умрени за светот во кој живеат мирјаните. Но, што се случува кај нас? Кај нас се случува тоа да ни монасите доволно очистени од своите страсти и уште на млеко мирисајќи стануваат „старци“ и велики духовници. Мирјаните пак ќе си појдат во некој манастир и ќе видат дека монасите живеат многу поправеден живот од нивниот парох. Место да бегаат од мирјаните, монасите ќе ги пречекаат. Место да ги натераат да си одат кај своите пароси тие ја превземаат улогата на парохот! Па, почнуваат да ги упатуваат место на мирјанскиот животен пат – на монашкиот. Им всадуваат помисли почнувајќи од тоа дека само монашкиот пат е исправен, им наметнуваат монашки типик, па дури и ги советуваат своите духовни чеда да престанат со брачното општење сметајќи го за грев…

Многу пати ме прашале кој ми е духовник и толку пати сум ги разочарал, кажувајќи им дека духовник ми е мојот поранешен парохиски свештеник. И нормално почнуваат да ме убедуваат како е поарно да се исповедаш кај монах, отколку кај поп.  Норамално секогаш добиваат одговор дека сум мирјанин, не планирам да се монашам, а од монах би побарал само да се моли за мене.  Дали само јас го делам ова мислење? Не, самите монаси: епископите г. Никанор Банатски, г. Милутин Ваљевски, архимандритот Јоило Ќириловачки и игуманијата Гликерија Ќелиска (за овие со сигурност знам) топло препорачуваат секој мирјанин за духовник да си го бира својот парохиски свештеник, зашто тој ќе одговора за мирјанинот, а и тој надобро го познава. Навистина е така. Мојот парох ќе си го сретнам и в црква и на гробишта, и на пазар и в чаршија и на корзо… Мојот парох ме знае мене, го знае моето семејство, голем дел од моите роднини, моите пријатели, а особено моите комшии. Отец Јоило убаво вели: живееш ти на растојание од 100км од твојот духовник, ненадејно ти доаѓа смртниот час, кај ќе го бараш твојот духовник да те исповеда и причести? Па кој знае дали за твојата кончина ќе разбере и пред 40. ден. И претходно споменав дека навистина има попови кои на изглед не се баш најдобри, некои и навистина се лоши. Ако парохот навистина е лош, тогаш исповедај се кај некој друг поп. Ако навистина не можеш да најдеш асолен поп во кој би имал доверба дури тогаш обраќај се кај некој монах. Ако попот не ти обрнува внимание, мати Гликерија убаво вика, фати го за ракав и тегни го, ќе види ќе не види ќе ти обрни внимание. Ако нешто те соблазнува – кажи му! Ако нешто те интересира прашај го! И што е најважно, моли се за него!

One Response to “Парохија vs манастир”

  1. Aleksej Says:

    Mnogu ubava smislena statija od koja bi trebalo sekoj mirjanin da se poucuva…no za zal toa ne e taka…

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Connecting to %s


Follow

Get every new post delivered to your Inbox.